Пуштена во употреба новата велопатека од 580 метри – конектор на Партизански одреди и Илинденска

Сподели

 

Градот Скопје денеска и официјално ја стави во употреба велосипедската патека на улицата Никола Парапунов која беше реконструирана оваа есен, како дел од градежната офанзива за 2020 година. Оваа велосипедска патека е во должина од 580 метри и претставува важен конектор на двете главни велосипедски рути во Скопје кои се протегаат по должината на булеварите Партизански одреди и Илинден.

 

 

“Овде изградивме велосипедска патека која е четврти конектор меѓу Илинденска и Партизанска. Три конектори се направени во последниве две години, како што го развивавме проектот „Вело Скопје“. Инвестирајќи во велосипедските патеки, годинава успеавме да надминеме 100 километри велосипедски патеки во нашиот град” – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

 

 

Оваа патека, додаде Шилегов, е всушност добар мотив сите заедно да почнеме да работиме на измена на нашите навики, наместо автомобил да користиме велосипед, зашто тоа е побрз и поздрав начин на движење, а во услови на пандемија и попрепорачлив начин на движење.

“На локалните жители кои дел од овој простор го користеа како паркиралиште, им поделивме флаери и ги замоливме да не навлегуваат со своите возила на велосипедската патека. Сега засега е коректен односот на граѓаните, но ако видиме дека тоа не ни успева ќе почнеме најпрво со опомени, а потоа и со казнување. Подготвени сме и физички да ја одделиме оваа патека, со столпчиња” – додаде Шилегов.

 

 

На отворањето на новата велопатека на улицата Никола Парапунов денеска присуствуваа и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и в.д. директорот на ЈП „Улици и патишта“, Бобан Црничиќ.