Шкотската премиерка Стурџон: Почитувајте ги правата за престој и работа на државјаните на ЕУ

Сподели

thumbs_b_c_94e201061230f3ef196469722d1fdfa5

ЛОНДОН (АА) – Премиерката на Шкотска, Никол Стурџон, испрати писмо до премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, и петмината кандидати за функцијата премиер, во кое бара „на граѓаните на Европската унија (ЕУ) во Шкотска да им гарантира статус на престој и дека нема да има промени на одредени права”, јавува Anadolu Agency (AA).

Стурџон, по објавувањето на резултатите од референдумот спроведен на 23-ти јуни во Велика Британија, во врска со излегувањето на земјата од Европската унија (ЕУ), т.н. Брексит, повика да се почитуваат правата на граѓаните на ЕУ во Шкотска, меѓу кои е и правото на престој и работа.

Таа во писмото потсети дека шкотскиот народ гласал за останување во ЕУ, и повторно ја изразила својата загриженост од ситуацијата која би можело да ја предизвика Брексит.

„Луѓето кои доаѓаат од ЕУ, се важни за иднината на Шкотска. Затоа, од премиерот и кандидатите во трката за премиер, барам што поскоро да се обезбеди гаранција дека нема, ниту сега, ниту во иднина, да дојде до промена на статусот за престој на 173.000 државјани на ЕУ, ниту пак на нивните права”, наведе Стурџон која додаде дека се истражува начинот на кој Шкотска би можела да остане во ЕУ.

Шкотската премиерка во Брисел на 29-ти јуни се состана со европските лидери на кои им повтори дека нејзината земја сака да остане во ЕУ. Стурџон со истите лидери би требало да се состане во Шкотска, во вторник.

Премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, кој поднесе оставка, претходно изјави дека нема да дојде до значајни промени во статусот на државјаните на ЕУ. Камерон најави дека ќе поднесе оставка, која ќе стапи на сила во октомври, оценувајќи дека најдобро е постапка за напуштање на Унијата да ја започне новата влада.