Со институциите не треба да раководи оној кој е посакуван, туку оној кој е најпотребен

Сподели

 

 

Функционални државни институции се предуслов за транспарентно и ефективно демократско владеење и задоволни граѓани. Институциите треба да обезбедат квалитетни и навремени јавни услуги кои ќе им го подобрат квалитетот на животот на граѓаните и ќе им ја вратат довербата во државната администрација. Градењето на силни државни институции е возможно само доколку со нив раководат искусни, професионални и квалитетни лица.

Во моментов во постапка се неколку закони кои ќе овозможат државните институции и администрацијата да го искористат максимумот и да работат во служба за граѓаните. Иако, процедурата за овие закони може да одземе многу време, Институт за демократија смета дека Владата во овој период има можност на дело да ги покаже и докаже своите заложби со тоа што ќе овозможи законски и фер избор на функционери на високи раководни позиции.

Законските измени пропратени со силна политичка волја за соодветна имплементација се клучни за функционални институции раководени од искусни, квалификувани и квалитетни кадри. Ова е најголемиот предуслов за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. На овој начин институциите ќе го оправдаат своето постоење и ќе работат во служба на јавниот, наместо на приватниот интерес на политичките и бизнис елитите.

Начинот на избор на високата раководна служба мора да биде транспарентен и лесно достапен за сите заинтересирани, преку јавни огласи со одреден конкретен рок кој мора да биде испочитуван. Исто така, многу е важно да се воспостават критериуми по кои највисоко вреднувани ќе бидат лицата кои поседуваат интегритет, квалитет и релевантно искуство.

Оттука, доколку Владата сака да покаже дека работи во интерес на сите граѓани, мора ја отфрли партиската припадност од листата на приоритети. Само на тој начин, може да се изберат соодветни кандидати кои ќе одговорат на задачите на институцијата во која се именувани.

Во овој контекст, враќањето на довербата на граѓаните во институциите, е можна единствено ако процесот на избор на раководната служба е соодветно документиран и достапен до јавноста и недвосмислено покажува зошто токму тоа лице е најсоодветно за работната позиција. Единствено на овој начин ќе имаме функционални институции и задоволни граѓани.

Сите политички чинители ја искажуваат својата заложба за влез на државата во Европската Унија, како и развивање на македонското општество во демократија во вистинската смисла на зборот. Овие заложби се искажуваат во најразлични прилики од интервјуа до предизборни кампањи. Но, вистинските заложби, се покажуваат на дело, преку континуирани реформи и видливи резултати.

isdcs.org.mk