Општина Центар: Jавен повик за финансирање здруженија и фондации за 2021 година

Сподели

 

Општина Центар објави јавен повик за прибирање барања за користење средства од Буџетот на Општина Центар за 2021 година, наменети за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите.

Распределбата на средствата од Буџетот на Општина Центар за 2021 година ќе се врши во согласност со Правилникот за постапката и начинот на распределба на финансиски средства од Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Општина Центар за 2021 година и врз основа на наведените критериуми и приоритети.

Здруженијата и фондациите имаат можност да добијат средства за следните области: Помош и заштита на лицата со физички или со ментален хендикеп и попреченост во развојот и лица со посебни потреби; Заштита и поддршка на децата и на младите; Развој на социјални услуги за потребите на граѓаните во социјален ризик; Развој на услуги и поддршка на процесот на образование; Меѓуопштинска и/или меѓународна соработка; Заштита на животната средина и одржлив развој; Културни манифестации и настани во интерес на граѓаните и општината; Развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права; Помош и поддршка на жртви на семејно насилство.

Право на учество во Јавниот повик имаат здруженијата и фондациите со седиште на територијата на Општина Центар како матична општина каде што физички ќе се реализираат проектите, а кои ги исполнуваат следниве критериуми: Да се регистрирани како здружение или фондација во согласност со Законот за здруженија и фондации, со седиште во Општина Центар; Да имаат активна трансакциска сметка и активен статус на дејствување од најмалку една година; Да поседуваат Статут или Решение за регистрација на здружението или фондацијата; Да дејствуваат на територија на Општина Центар; Да поднесат Извештај за користење на средствата од Буџетот на Општината доколку во 2019 година добиле средства преку Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите и да се занимаваат со активности и проекти од јавен интерес во согласност со Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите на Општина Центар за 2021 година.

Рокот за поднесување на предлог проектите е заклучно со 12.2.2021 година.