Со 62 гласа „за“ и без „воздржани“ и „против“, пратениците од Собранието денеска го донесоа Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во 2021 година. За усвојување на законот гласаа пратениците од СДСМ и останатите партии од владејачката коалиција, ДУИ и опозициската коалиција Алијанса на Албанците-Алтернатива, додека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.
Од владејачката партија СДСМ велат дека усвоен е законот со кој по цели 19 години во земјава ќе се спроведе попис.
„Државата, институциите, пред сè Државниот завод за статистика, се подготвени и имаат капацитет да спроведат и ќе спроведат попис согласно сите меѓународни стандарди и согласно прописите на Евростат. Пописот е битна статистичка операција кој ќе обезбеди целосни, квалитетни и релевантни податоци кои се важни за натамошно креирање и реализирање на долгорочни политики и стратегии за развој на државата“, посочуваат од СДСМ.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека нема да учествуваат на гласањето на овој закон. Според нив, усвојувањето на законот на попис било туркано шверцерски и без општествен консензус, велејќи дека европски земји и земји од регионот го одложиле пописот поради ковид-19. Тие се заканија дека по усвојување на законот ќе почнат иницијатива за собирање потписи во подрачните канцеларии на Министерството за правда за носење на закон за укинување на постојниот закон за попис, за кој од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ќе биде фалсификуван.
Од СДСМ одговараат дека никој не смее да го партизира спроведувањето на пописот, а повиците за негов бојкот се повици за кршење на законите, тврдејќи дека станува збор за поразени деструкции и обиди за блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Пописот во земјава ќе се спроведе од 1 до 20 април 2021 година. Во неговото спроведување ќе учествуваат околу 6.000 лица. Од нив, околу 5.000 се попишувачи, ќе има околу 500 реонски инструктори и околу 200 државни инструктори, како и членови на комисиите. Претстојниот попис ќе чини 8,5 милиони евра, а предвидено е резултатите од него да бидат достапни 6 месеци по завршувањето на процесот.