Земјата е поделена и сè повеќе ќе се дели на две класи: сиромашните, обесправените, понижените и навредените, од една страна, и богатите и нивните чувари од силеџиско криминалното подземје и медиумско-професорското надземје, од друга страна. Впрочем, ваквата состојба е општопозната и никој при здрав памет не ја спори.
Денес, мнозинство од човештвото, впрочем како и столетија наназад, е топовско месо, крвава безумна апокалиптична река која брза во смрт. Тоа е мнозинство кое бесмислено масовно гинеше и гине по светските фронтови, или умираше и умира во рударските окна за да им ги обезбеди скапоцените дијаманти на нежните вратови од разните принцези, царици, дами и куртизани на слабокрвните и слабопотентните буржуи.
И денес, денес кога ова мнозинство се лаже и манипулира со баналности, со илузии за „демократија“, со конзумеризам, сепак, јасно може да се забележи дека постепено и бавно се случуваат промени, дека расте неговиот бес кој е испровоциран од „вампирите“ кои му ја цицат потта и крвта. Може да се види дека повремено таласите од оваа разбеснета река привремено се смируваат, дека нејзините вртлози навидум стануваат потесни и помали, но исто така може да се види и дека угнетувачите кои лежат покрај нејзините брегови врз снежнобели свилени чаршафи се плашат и тресат дури и од таквите мали поројници, од нараснувањето на нејзиниот бес, треперат од страв дека нивното царство од неправда и нееднаквост ќе биде однесено во неврат од здивените бранови на бунтот и револуцијата. Идеалот е безбројната Легија од обесправени и експлоатирани, легија чии воини се расфрлани низ целата планета да ги зголеми сите борби за слобода и еднаквост, да ги зголеми напорите за откривање на Човекот во самите луѓе, во сите нас, во сите околу нас, во сите на земјата. Милиони легии со милјарда легионери кои ќе работат на хуман излез од нехуманиот корпоративен империјализам. За да се стигне до тој излез треба да се подигне со сила идеолошко-неолибералниот камен под кој како црв се свива и деформира човечкиот разум, па потоа тој разум да се пушти слободно да лета како орел кој копнее по синосветлото небо. Мора да сфатиме дека таа општочовечка хумана сила на моменти, нужно, ќе биде брутална, но дека тоа воопшто не е лошо бидејќи како последна последица ќе доведе до победа на универзалната правда, еднаквост и човекољубие. А, со победата на социјализмот како светски процес, тоа ќе се случи, без оглед што денес безмилосно и животински се оцрнува и демонизира, па изгледа како таквата победа да е неможна.
За физичкото природно осветлување на Земјата, постои само едно сонце, и затоа секогаш е ноќ од една страна и ден од друга, но што се однесува до социјалното и менталното осветлување, можеме да поставиме седум милијарди сонца кои ќе ја осветлат човечката иднина со јасни благородни и благопријатни услови за достоинствен живот на секој поединец. Да се осветли земјата со многу милијарди сончеви сонца е сон, сон што ќе се исполни, не денес, ниту утре, туку некогаш, некогаш во иднина по сите поминати мали и големи кризи, по сите болни и ужасно крвави борби и конфликти. Тоа е еден грандиозен сон на човечната човечка фантазија, сон над соновите, сон кој навидум е неостварлив. Но сепак, тоа е само навидум така, оти по големиот Октомври човештвото можеше да се увери, макар и за кратко, дека тој сон, тој идеал е реално остварлив. Неговата реалност е вистината на историскиот материјализам, втемелен врз десцедентната теорија застапувана од Анаксимандер и Емпидокле, од Ламарк и Дарвин, од Жан Жак Русо и Фојербах, теорија вткаена во сета хуманистичка филозофска мисла, теорија на која, во крајна линија, се надоврзаа Маркс, Енгелс и Ленин. Знаете, тоа е онаа теорија на потомството, теорија за генезата, за генерацискиот пренос на придобивките, за природниот развој на животинскиот и растителниот свет во тек на историјата на Земјата, теорија и наука која се однесува на фактите кои ги пронаоѓаат причините и го докажуваат таквиот неодбеглив природен развој и напредување на човештвото на сите полиња, а особено на социјално-економското поле.
Сето ова не е некаква плитка литературна научно-фантастична фикција, некаква неконзистентна и контрадикторна филмска холивудска продукција, неолиберално идеолошко ѓубре какво што секојдневно не преплавува од погоните на индустријата за лесна забава и десничарски-идеолошкото граѓанско образование, туку е оптимизам кој се издигнува од научно потврдените општествено-економски процеси и од длабочините на животните емпириски појави, па се појавува како трансформација на песимизмот, во една општочовечка движечка сила фундирана врз реалните економски состојби и неминовната еволуција на свеста во мозокот на голем дел од човештвото.
denesmagazin.mk