Бачев побара од Собранието да распише референдум за членството на Македонија во ЕУ

Сподели

janko-bacev.jpg

Партијата Народно движење за Македонија (НДМ) денеска до Собранието ја поднесе претходно најавената иницијатива за распишување „консултативен референдум за членство на Македонија во Европската Унија“.

Како што посочи претседателот на НДМ, Јанко Бачев, иницијативата што ја поднесуваат опфаќа две фази, односно Собранието само да распише референдум според член 20 од Законот за референдум, а доколку не го стори тоа, партијата ќе почне со собирање на потребните 150.000 потписи за поддршка на иницијативата.

– Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните дава можност Собранието по сопствена иницијатива да распише референдум за консултирање на народот за прашања од пошироко значење за Републиката. Земајќи предвид дека од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена, останува да видиме дали Собранието ќе дејстува во овие законски рокови. Меѓутоа, доколку Собранието не распише референдум по сопствена иницијатива, по 90 дена ќе следи втора фаза за собирање на 150.000 потписи. Поточно, НДМ ќе ја искористи втората можност од член 20 од Законот, преку граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на референдум која се смета за почната ако најмалку 150.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата. Во таков случај, Собранието е должно да распише референдум – изјави Бачев.

meta.mk