Дека кај нас има рефлексии на антикомунистички ревизионизам е толку очигледен факт, што нема да го оспорат ниту најголемите скептици.
Впрочем, таканаречениот процес на лустрација беше законски проект, пропратен со силна пропагандна кампања, со печатење на томови „тајни“ документи, снимање на дузина документарни филмови, публикување на огромен број антикомунистички колумни, написи и интервјуа низ печатените и електронските медиуми. Деновиве, пак, еден идеен потомок на големоалбанските балисти нè „просветлуваше“ за нашето „тоталитарно минато“ преку бугарските медиуми. И не е прв, а во оваа антимакедонска атмосфера која е создадена, нема да биде ниту последен, оти платеници, врховисти и националшовинисти никогаш не недостасувале на ова наше македонско парче земја.
Сето тоа, целата таа десничарско антикомунистичка и антимакедонска кампања се темелеше и се темели врз силата произлезена од „победничката позиција“ во однос на социјализмот и од цезаристичко практикување на власта, а немаше и нема врска со аргументацијата, вистината и правдата. За ова сведочи и непречената перфидна кампања што ја спроведуваат денешните неолиберални шамани за идеолошки да ја обојат вакцинацијата против ковид-вирусот, па низ медиумите, особено низ социјалните мрежи се пишуваа и се пишуваат илјадници полтронско-слугински натписи кои покажуваат дека не постои дно до кое не може да се спуштат преторијанците на евроатланското слугување. Ама, таа флуктуирачка класа на образовани глупаци (вистинито, колку и да звучи оксиморонично), е без цврста идеологија и без постојаност во ставовите, па, оттаму, во еден подолг период станува ирелевантна во креирањето на општествено политичките процеси.
Но, треба да се каже нешто за неофашистите, за националшовинистите, за оние „на прво место националисти“, кои ја сметаат левицата за свој главен непријател и кои, секојднево, водат жестока антикомунистичка кампања. За нив левичарите, од социјалисти до марксисти, се непријатели заради нивните негативни ставови за нацијата и национализмот. Така, според десничарските неофашистички „мудреци“, марксистите наводно сметаат дека секој вистински социјализам е – анационален, па дури и антинационален. Згора на тоа маркситите се наводно против национализмот, оти го сметаат за „буржоаска идеологија“ која намерно го дефокусира општеството од социјалните теми и ги заглупувува луѓето. Секако, оваа „славна“ теорија не нашите националшовинисти не може сериозно да се сфати и да се анализира, бидејќи таа не е ирационална, туку прецизно речено таа е контрарационална. Толку многу е антирационална, што пред такви глупости веројатно би требало само да се молчи! Ама, сепак, може да и треба се потпраша: во кој антикомунистички или антисоцијалистички памфлет, во кој учебник за злоба, измама и глупост научиле дека за марксистите или социјалистите секој социјализам мора да е нужно анационален или антинационален? Тоа, едноставно е лага, оти е наспроти сите основни принципи на научниот социјализам од неговиот почетен интегрален вид па сè до денес. Уште повеќе е спротивно на социјалистичката пракса миз историјата.
Всушност, разликата е важна! Имено, фундаментално за секој марксист е пресудно важно за каков вид на национализам станува збор. Дали е тоа национализам на угнетените народи, да речеме во ноеколониите, или национализам со кој буржоаските држави преку наводно претпоставената волја на народот ги маскираат своите заграбувачки интереси? Битна е тоа разлика, бидејќи од неа веднаш се менува односот на марксистите кон националните прашања. Во првиот случај, тие – според нивниот принцип дека се против каква било експлоатација, дури и искористување на луѓето во име на народот – го поддржуваат национализмот, во вториот случај тие се, се разбира, против него. Во историска смисла, најдобар доказ за таквото тврдење се оние марксисти кои правилно решија комплицирани национални прашања не само за една нација, туку за неколку десетици народи! Но, тука повторно доаѓа како важно: секој народ, дури и угнетениот, се состои од класи, при што некои од луѓето се угнетувани од други во рамките на сопствените нации. Затоа, веднаш се поставува прашањето: Колку може да биде широка идејно-политичката основа на социјалната и националната борба? Со која класа, токму во име на националното ослободување, треба да се оди, не само од перспектива на еден марксист, туку и од аспект на секој што навистина се грижи за слободата на народот, за целосен, еднаков развој и благосостојба на сите припадници на тој народ? Овие се основните критериуми што треба да се користат за правилно разбирање на односот помеѓу национализмот и социјализмот.
Во принцип, ако се постави прашањето во форма: или национализам или социјализам, јасно е дека во социјализмот може да се согледа поголема, ако не и единствена, гаранција за решавање не само на социјалното, туку, паралелно, и на секое национално прашање. Оттука, сепак, не следи дека социјализмот е и мора да биде против национализмот во секој поглед, особено кога тој е израз на народите кои се национално угнетени. Токму како што и денес е случајот со Македонците во Бугарија и Грција. Значи, постои определена, ограничена, односно делумна компатибилност и неконтрадикторност меѓу националните и социјалистичките идеи, што пак отвора практични можности, тогаш кога национализам е прогресивен, за соработка и заедничка борба меѓу лево ориентираните и националноослободителните движења. Впрочем, наспроти многубројните денешни ревизионистички бесмислици за нашето минато ширени од балистите и врховистите, тоа многу убаво беше покажано во време на антифашистичката и антиокупаторска борба на македонскиот народ, како и од историјата на социјалистичка Македонија која се одвиваше во знак на македонска национална афирмација и целосна рамноправност на националните малцинства.
denesmagazin.mk