Министерството за здравство информира дека досега 25.401 илјади граѓани ја имаат пополнето апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19.
Оваа веб-страница, вчера беше пуштена во употреба и преку неа граѓаните може да се пријават дека сакаат да се вакцинираат.
Секој граѓанин кој ја пополнува формата за аплицирање, се регистрира во електронскиот систем „Мој Термин“, а матичниот лекар ќе може да го види податокот за пациентот.
Вакцинацијата против коронавирусот ќе се спроведува исклучиво преку превидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението во Северна Македонија.
Процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека сте закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем ,,Мој Термин” согласно фазите кои ги содржи Националниот план за КОВИД вакцинација.
Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.