Не можеме да очекуваме БиХ (или која било друга земја кандидат) да влезе во ЕУ сè додека не развиеме антитела на вирусот на корупција, криминал и националистичките политики.
Историјата покажа дека, низ вековите, луѓето се стремеле кон напредок и промена, кон идеален тип на владеење, управување и порамномерна распределба на моќта. Сепак, во денешниот технолошко-технократски свет, со големи глобални проблеми, политичката структура на општествата ширум светот не остава многу простор за утописки и идеалистички проекти.
Врз основа на сето ова, прогресивните движења што се стремат кон подлабоки промени не се појавуваат веќе подолго време. Напротив, контекстот во којшто живееме последните 20 години изроди голем број популистички идеи од двата политички спектри. Навистина, во повеќето демократски држави основните човекови и демократски права се загарантирани, но влошувањето на животниот стандард и губењето на социјалните права, заедно со сеприсутната корупција и големото влијание на моќта на политичките елити, отвора многу простор за политичка дебата која нужно тежнее кон промени – но кои не водат нужно кон подобро.
Граѓаните се жедни за идеи што ќе ги водат кон интеграција во поширокиот простор на слободниот свет. Сепак, сегашната политичка состојба во земјата, во регионот и во светот испраќа јасна порака до граѓаните дека сега-засега може само да сонуваат држава со благосостојба .
Во меѓувреме ќе бидеме сведоци на балканската реалност, во која е можно лидерите на политички групи да ги задоволат своите посебни и егоистички интереси со евтини политички, популистички и, пред сè, примитивни потези, без оглед на интересите на граѓаните. Во ваква реалност, во оваа политичка кал, се губи секоја надеж за промени и напредок. Во ваква реалност, сонот на поединецот којшто се стреми кон земја на благосостојба станува ноќен кошмар што го принудува да бара подобар живот во некои западни демократии.
Најхрабрите во остварувањето на тој сон, или најрешителните кои сакаат да избегаат далеку од балканскиот кошмар, секако се младите. Нивната желба е јасна, а гласот на незадоволство е многу забележлив. Според Студијата за млади во БиХ, младите „претежно сакаат да ја напуштат Босна и Херцеговина“, дури 50 % од нив изјавуваат дека „Германија е нивниот прв избор за емиграција“. Поради лошата политичка и економска состојба, младите не веруваат во промени во Босна и Херцеговина. Доколку погледнеме и во други земји од Западен Балкан, ќе воочиме идентични бројки. Тоа е реалност што ја парализира секоја оптимистичка прогноза.
(Дез)Интеграција на БиХ во Европската Унија
По потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, БиХ се движи кон градење на своите институции, јасно изразувајќи ја својата посветеност кон ЕУ. На патот кон членството, Босна и Херцеговина имаше периоди на интензитет и солидна политичка консолидација, реформи и напредок, но како што се променија односите внатре и надвор од земјата, со враќање на старите/новите глобални политички играчи, така и БиХ ги смени своите внатрешни интегративни аспирации кон ЕУ. Сепак, апликацијата за членство беше поднесена на 15 февруари 2016 година.
Во последниве години, со зајакнување на ентитетот и посебните интереси, оваа идеја беше засенета од политичката стагнација и продлабочената дезинтеграција на државата. Со години, односите меѓу БиХ и Унијата се поврзани првенствено со стекнување кандидатски статус. БиХ имаше јасна задача: да обезбеди одговори на прашалникот подготвен од Европската комисија. Но, беа потребни повеќе од две години да се заврши таа задача.
Додека сите земји во регионот, освен Косово кое е во иста позиција со БиХ, добија кандидатски статус за релативно краток временски период, БиХ не го стори тоа, иако тоа може да значи отворање на преговори за полноправно членство. Резултат: наместо кандидатски статус, Босна и Херцеговина доби нови 14 задачи, односно – старо-новиот „Патоказ“. Ова уште еднаш го одложи патот на БиХ кон интеграција во ЕУ.
Клучните приоритети на БиХ во процесот на интеграција во ЕУ
Последниот извештај на Европската комисија, којшто се заснова врз напредокот на земјата во однос на критериумите за членство, покажа дека во БиХ нема вистински напредок.
Кога станува збор за политичките критериуми, БиХ постигна ограничен напредок во некои сегменти, додека повеќето политички критериуми не напредуваа. Во извештајот се вели: „Во поголемиот дел од периодот на известување, Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина беше блокирано од политички причини, што резултираше со неприфаќање на законот, а Советот на министри дејствуваше со технички мандат сѐ додека не се воспостави нов парламент чиешто свикување се одржа во декември 2019 година.“
Извор: europeanwesternbalkans.com
Проблемот е продлабочен со Уставот на Босна и Херцеговина, којшто „сè уште е во судир со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)“, како што е потврдено во пресудата на предметот Сејдиќ-Финци и пресудите што следеа. Понатаму, во извештајот се споменува дека нема напредок во „подобрувањето на изборната рамка во согласност со европските стандарди или во обезбедувањето транспарентност на финансирањето на политичките партии“. Не е постигнат напредок во однос на „обезбедувањето поддршка за опкружување на граѓанското општество“. Босна и Херцеговина е „во рана фаза и на одредено ниво на подготвеност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“.
Кога станува збор за административните критериуми, „Босна и Херцеговина е во рана фаза на реформа на јавната администрација (РАР) и нема никаков напредок во обезбедувањето професионална и деполитизирана државна служба, како и координиран пристап кон креирање политики на ниво на целата земја. Истото се однесува и на подготвеноста во областа на правосудството, а извештајот на ЕУ заклучува дека „не е постигнат напредок во оваа област“. Попречувањето на реформите во судството од „политички чинители и во рамките на самиот судски систем и лошото функционирање на судството ја загрозуваат граѓанската способност за остварување на нивните права и на тој начин ја попречуваат борбата против корупцијата и организираниот криминал“.
БиХ оствари најголем напредок во економските критериуми, каде што е постигнат „ограничен напредок“. Во извештајниот период, во различни поглавја од правото на ЕУ, не е постигнат ограничен или воопшто никаков напредок. „Босна и Херцеговина генерално е во рана фаза … на подготвеност да ги преземе обврските од членството во ЕУ и треба значително да го забрза процесот на усогласување со законодавството и да го спроведе релевантното законодавство“.
Дали сонот може да стане реалност?
Во текот на сите овие години хронологија на односите со ЕУ, БиХ се соочува со истите проблеми. Лошото управување, посебните интереси на политичките партии, етнонационалистичката реторика и манипулацијата со изминатите трагедии – сето тоа ја враќа БиХ чекор наназад, придонесувајќи за постепена дезинтеграција на земјата. Политичките елити во БиХ или политичките олигархии, какви што ги нарекува професорот Асим Мујкиќ од Универзитетот во Сараево, не се подготвени да „отстапат ниту милиметар од своите овластувања и привилегии и немаат намера да сторат ништо значајно за да ја подобрат неподносливата позиција на мнозинството граѓани на оваа земја“.
Потребни ни се барања за реформи во областа на правосудството, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата поради нас самите, и не само затоа што тие се услов за понатамошна интеграција во ЕУ. Реално е да се очекува напредок во области како што се економијата, борбата против корупцијата и зајакнувањето на институциите на БиХ.
Според предавањата на Ирфан Софтиќ, дипл. правник со богато работно искуство во економијата, „корупцијата во Босна и Херцеговина е обичајно право“. Софтиќ смета дека: „Постојат добри и лоши обичаи. Корупцијата е лош обичај, против којшто тешко е да се бориме.“ Показателот на перцепција на корупцијата (Показателот на перцепција на корупција – CPI) Транспаренси Интернешнл за 2020 година, Босна и Херцеговина (БиХ) ја рангира меѓу земјите во светот каде што состојбата на корупција најмногу се влошува.
Истакнувајќи го падот на БиХ за „11 места“, индексот на БиХ се наоѓа на 111-то место од 180 земји, со резултат 35 (скала од 0 – 100), што е исто така и најлош резултат од 2012 година, кога БиХ беше рангирана на 72-то место со оценка 42. Според извештајот, БиХ е „најлошо позиционирана на Западен Балкан и го дели местото со Северна Македонија“, при што пандемијата на КОВИД-19 несомнено ја одбележа изминатата година, но и целосно го разоткри најтемното лице на корупцијата, чијашто цена граѓаните, за жал, ја плаќаат со сопствениот живот.
Институциите на Босна и Херцеговина се парализирани од корупцијата, тие му дадоа приоритет „на бескрупулозниот грабеж на јавни средства, на штета на обезбедувањето соодветна здравствена заштита“. Целиот период на пандемија беше обележан со нетранспарентна и нерешена набавка на медицинска опрема. „Ова е само еден од примерите на кои се осврнува извештајот; БиХ нема „соодветна антикорупциска политика или стратегија, а правната законска рамка со години чека на целосна и сеопфатна реконструкција, што недвосмислено го нагласува и Европската комисија меѓу 14-те приоритети за добивање кандидатски статус“.
Борбата против корупцијата треба да биде приоритет број еден и нема друга алтернатива. Ако една Хрватска беше подготвена да ја плати политичката цена со апсење и гонење на политичкото раководство со цел да добие поени од ЕУ врз основа на борбата против корупцијата и на тој начин да купи билет за влез во ЕУ, тогаш може и мора и Босна и Херцеговина и другите земји од Западен Балкан. Примерот на Хрватска покажа дека патот кон ЕУ е поважен од кој било поединец. Но, исто така, дека борбата против корупцијата не завршува со апсење на едно лице, ниту со влез во ЕУ.
Анкетата на јавното мислење „Ставовите на граѓаните кон членството во ЕУ и процесот на интеграција во Европската Унија“, спроведена од Дирекцијата за европска интеграција на БиХ во октомври 2020 година, покажа дека нема значителни разлики во споредба со Наодите од априлското истражување 2019 година. Во случај на распишување референдум за членство во Европската Унија, 75,6 проценти од испитаниците изјавиле дека би гласале за влез во ЕУ. Граѓаните од сите делови на БиХ го поддржуваат влезот на БиХ во ЕУ од истите причини. Најчесто затоа што тие веруваат дека ова е гаранција за траен мир и политичка стабилност. Следната причина е зголемената слобода на движење на луѓе, добра и капитал.
Истите причини најчесто беа цитирани во 2019 година, додека во 2018 година значително почесто се укажуваше на подобрувањето на инфраструктурата. Нема значителни разлики во причините поради коишто граѓаните од сите делови на БиХ не го поддржуваат влезот на БиХ во ЕУ. Убедливо најчеста причина е стравот од зголемување на трошоците за живот и даноците. Граѓаните на БиХ обично мислат дека борбата против корупцијата е реформа што треба да се спроведе со цел да се подобри нивниот секојдневен живот. Ова беше најчестиот одговор и во претходната година, додека во 2018 година другите реформи беа поприоритетни отколку во 2019 и 2020 година.
Пост-КОВИД интеграција
Во изминативе години, покрај слабата трансформација на политичките системи на земјите од Западен Балкан, ЕУ се соочува и со предизвици. Растечкиот десничарски популизам, последиците од економската криза која го опустоши светот во 2008 година, мигрантската криза, Брегзит итн. доведоа до појава на нови националистички духови што се обидуваат да го сведат наднационалниот политички принцип на минимум. Згора на сето тоа, на крајот се случи КОВИД-19, којшто ги затвори сите земји во нивните национални кожурци.
Внатрешната консолидација во ЕУ, скептичните изјави на францускиот претседател Макрон кон понатамошната интеграција на Западен Балкан, амбициозната програма на Германија за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ и потребата земјите членки на ЕУ да се опорават од пандемијата КОВИД-19 се приоритети што ќе ја турнат интеграцијата на земјите од Западен Балкан во втор план. Новата методологија за проширување, која многу се разликува од интеграцијата на земјите од последниот круг на проширување, води кон растечки евроскептицизам во земјите од Западен Балкан.
Од 1996 година, Европската Унија инвестираше повеќе од 3,5 милијарди евра во реконструкција, реформа на јавната администрација, владеење на правото, одржлива економија, земјоделство и други клучни области во БиХ, што ја прави најголем поединечен донатор во БиХ. Европската Унија ќе остане главен партнер на Босна и Херцеговина и по пандемијата на КОВИД-19. Но тоа не значи автоматска поддршка за процесите на интеграција во ЕУ. Очигледно, во согласност со ситуацијата, таквата поддршка ќе недостига во некоја конкретна форма сè додека властите на БиХ не покажат резултати во сите приоритетни области што ни ги зададе ЕУ.
Не можеме да очекуваме решителност од ЕУ доколку не покажеме сопствена решеност да се соочиме со клучните проблеми во земјата. Дотогаш, граѓаните на БиХ остануваат затворени со ПЦР-тестовите во рамките на државните граници. Слично на тоа, 14-те задачи поставени од ЕУ претставуваат еден вид специфичен ПЦР-тест за целата земја. Конечно, не можеме да очекуваме БиХ да влезе во ЕУ сè додека не станеме отпорни на вирусот на корупција, криминал и националистичките политики коишто ја парализираат државата.