Филипче: Инспекторатите имаат зголемени ингеренции, сите протоколи може да се контролираат

Сподели

 

 

Министерот за здравство Венко Филипче во денешната изјава за медиуми во врска со засилување на мерките, со цел заштита од понатамошно проширување на коронавирусот, ги повика инспекторатите да и покрај тоа што притисокот за работа е значително зголемен и за нив, ги употребат зголемените ингеренции и вршат почесто контрола за почитување на мерките и протоколите.

 
“Сепак во угостителските објекти има протоколи и се што треба е само да се почитуваат, а инспекторатите може еве користам да уште еднаш укажам на тоа дека Комисијата за заразни болести апелираше инспекторатите, свесни сме дека се нонстоп на терен и дека е голем притисокот, но колку може да таа работа се интензивира во смисла на контрола и проценка дали се почитуваат препораките или не. Угостителските објекти работат со протоколи, сосем доволни во својство на стандардните принципи за да се спречи ширењето на болеста, така да ова е сега мерка, ќе видиме каков резултат ќе има, има слободни болнички капацитети и во моментов не е ситуацијата критична и ризична, но секако не сакаме да стигнеме до таму.” – изјави министерот Венко Филипче
 
Во болниците се исполнуваат инфективните одделенија, но сепак нема нагол раст како што беше на почетокот на месец ноември минатата година. Сепак, во моментов е тешко да се процени дали и колку ќе биде силен бранот којшто сега се јавува во смисла на зголемени новодијагностицирани случаи.
 

“Во текот на изминатата недела изминатите 10 дена се зголемува инциденцата. Најмногу е зголемена инциденцата на нови случаи во Скопје, регионот во Кавадарци и Неготино, Прилеп и Охрид и тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница, исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје секојдневно се поголем број на случаи коишто бараат хоспитализација заради што во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно сега се спремни на стенд бај практично сите интерни клиники, тоа го организиравме денеска во текот на утрото онака како што беше во месец ноември. Ударот кон болниците во смисла на прилив на нови пациенти не е така нагол како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика, без разлика на зголемувањето на инциденцата и многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато односно дали бранот којшто сега се јавува ќе биде идентичен на тој во месец ноември, тука има поделено мислење на епидемиолозите, но ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека навистина има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки, на јавни површини и простори итн.” – кажа министерот за здравство Филипче.