И покрај тоа што сеуште постојат одредени стереотипи за улогата на жената во општеството сепак евидентен е фактот дека жените денес се рамноправни во сите сфери на општественото живеење.
Кога станува збор за сообраќајот, факт е дека жените денес се активни учесници во патниот сообраќај и тоа не само како пешаци и велосипедисти, туку и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи. Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50%.
Динамиката на живеење и секојдневните и бројни обврски кои современата жена треба да ги исполни во еден работен ден и во рамките на семејството ја наметнуваат потребата жените да бидат активни во сообраќајот и како возачи.
Учесниците во сообраќајот, особено возачите можеме да ги поделиме на безбедни и небезбедни, на совесни и несовесни и секоја поделба на возачите на женски и машки е несоодветна, и истата може да се прави само за научни и статистички цели.Иако можеби за многумина, на прв поглед, жените изгледаат не толку вешти возачи, истражувањата покажуваат дека жените се безбедни возачи. Истражувањата всушност покажуваат дека брзото и агресивно однесуваање во сообраќајот не е својствено за жените, дека жените помалку возат под дејство на алкохол, не поминуваат на црвено на семафор, не возат без возачка дозвола, жените повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и повеќе ги почитуваат пешаците и велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот.
Согласно наведеното, ако почитувањето на сообраќајните правила и прописи е женско возење, ако почитувањето на ограничувањто на брзината е женско возење, ако почитувањето на пешаците е женско возење, ако дефанзивното возење е женско возење, тогаш ајде сите да возиме на женски начин, затоа што така е побезбедно и посигурно.
Статистиката покажува дека мажите трипати повеќе страдаат во сообраќајни незгоди од жените. Според Светската здравствена организација, околу 77% од сообраќајните незгоди со фатални последици се предизвикани од возачи мажи.