Премиерот Зоран Заев, денеска учествуваше на утринскиот панел на Тиранскиот економски форум 3 на темата „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долго очекуваните ветувања“, кој заради пандемијата со КОВИД-19 се одржа онлајн.
На панелот зедоа учество и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Меѓудругото премиерот истакна: “Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик.
Би сакал да ја искористам приликата и да им се заблагодарам на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои постојано се тука со нас во овој процес, посебно околу помошта која ни беше дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме заради кризата со КОВИД-19.
Владата на Република Северна Македонија пред три дена го усвои планот: „Европа дома“. Со овој план ние јасно и гласно декларираме што оваа влада ќе прави во однос на евроинтеграциите и процесите кои истата ги носи. Независно од расположението во соседството или во Брисел, ние сме посветени на доброто на нашите граѓани. Ги земаме најдобрите европски практики и ги вткајуваме во националното ткиво.
„Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите, преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи.
Документот е подготвен врз основа на обврските кои сме ги презеле во рамките на заедничките тела меѓу Северна Македонија и Европската Унија, а кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и препораките на Европската Комисија.
Низ реализацијата на овие европски реформи ќе ги исполниме и препораките од Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи.
За секоја приоритетна област се наведени прецизни цели, активности, надлежни институции за спроведување на активностите и рокови за нивна реализација. Документот беше консултиран со граѓански организации кои работат во областа на европските интеграции, како и со Делегацијата на Европската Унија.
Ковид кризата не забави, но нема да не запре. Мојата Влада има чист политички легитимитет потврден на парламентарни избори кои се одржаа пред нешто повеќе од 6 месеци и тој легитимитет ќе го впрегнеме во полна сила да работи за доброто на нашите граѓани” – додаде премиерот Заев.