„Фејсбук“ со глобална кампања за вакцинација против Ковид-19

Сподели

 

„Фејсбук“ започнува глобална кампања која ќе има за цел да ги запознае корисниците подобро со фактите за вакцините против ковид-19, но и да им го олесни пристапот при процесот на вакцинирање.

„Денес започнуваме глобална кампања за да им помогнеме на 50 милиони луѓе да се доближат уште еден чекор до добивање вакцини. Веќе поврзавме над 2 милијарди луѓе со меродавни информации поврзани со ковид-19. Сега, кога многу земји се движат кон вакцинирање на сите возрасни лица, работиме на алатки за да му олесниме секому да се вакцинира“, соопшти Марк Закерберг.

„Фејсбук“ планира тоа да го направи со лансирање на неколку нови алатки и функции, меѓу кои и алатка која ќе им покажува на корисниците кога и каде во нивниот регион ќе можат да се вакцинираат, а ќе им прикаже и линк каде ќе можат да закажат вакцинација. Новата алатка ќе се наоѓа во Информативниот центар за Ковид, кој им се прикажува на корисниците на нивната почетна страница.

Фејсбук
Фото: Фејсбук

Закерберг објави и дека работат со здравствените власти и владите за да ги прошират нивните чат-ботови на апликацијата за пораки „Вотсап“ за да можат да им помогнат и олеснат на граѓаните да се регистрираат за вакцинација.

„Повеќе од 3 милијарди пораки поврзани со Ковид се веќе испратени од владите, непрофитните и меѓународните организации до граѓаните преку официјални чет-ботови на „Вотсап“, така што ова ажурирање ќе помогне и во напорите за вакцинација“, вели Закерберг.

Тој во својата објава додава дека податоците покажале оти вакцините се безбедни и дека „тие се нашата најдобра надеж за да го поминеме овој вирус и да се вратиме во нормален живот“.

Информативниот Ковид центар ќе биде донесен и на социјалната мрежа Инстаграм. На сите корисници во горниот дел на почетната страна ќе им биде прикажано известување што ќе ги упати кон Информативниот центар , каде што ќе можат да добијат веродостојни информации базирани на нивната локација. Тука ќе бидат вклучени информации за тоа кој сè има право да се вакцинира, информации за превенција, како и содржини кои ги побиваат митовите поврзани со вакцините. Наскоро во Информативниот центар корисниците ќе можат да ја проверат и бројката на заболени во нивниот регион.

На Инстаграм ќе бидат вметнати и нови стикери во „Стори“ алатката, каде што луѓето ќе можат да ги поттикнуваат и инспирираат и останатите корисници да се вакцинираат кога ќе бидат во можност.

Инстаграм вакцинација
фото: Инстаграм

Преку соработка со националните и глобалните здравствени власти и користејќи ја можноста за брзо стигнување до луѓето, од „Фејсбук“ велат дека го прават „својот дел“ за да им помогнат на луѓето да добијат кредибилни информации и да се вакцинираат.

„Фејсбук“ ги продолжува напорите за укажување на дезинформациите поврзани со вакцинацијата преку додавање на етикети на објави на двете социјални мрежи – Фејсбук и Инстаграм, каде се дискутираат вакцините. Етикетите содржат кредибилни информации од Светската здравствена организација за безбедноста на вакцините.

„Фејсбук“ соопшти и дека како дел од нивната цел за промоција на меродавни информации за вакцините, спровеле неколку привремени мерки за понатамошно ограничување на ширењето на потенцијални штетни и погрешни информации поврзани со вакцините за време на пандемијата. Тие мерки вклучуваат намалување на дистрибуцијата на содржини од корисниците кои веќе ги прекршиле политиките за дезинформации или кои постојано споделувале содржини обележани како „погрешни“ од страна на партнерите за проверка на факти.

мета.мк