Припадниците на Армијата кои го посетуваат тримесечниот основен подофицерски курс на армискиот полигон „Криволак“ во координација со Државниот завод за статистика ја реализираа својата должност согласно Законот за попис на населението.
Во Центарот за обука „Пепелиште“ со почитување на сите предвидени протоколи за заштита од ширењето на корона – вирусот, припадниците на Армијата кои учествуваат на основниот курс за подофицери како слушатели и обучувачи ги дадоа сите потребни информации на попишувачите.
Причина за денеска организираното попишување во Пепелиште е неможноста на припадниците на Армијата да бидат во своите домови за време на извршување на пописот, имајќи предвид дека основниот курс за подофицери трае до 26 април.
Претставничката од Државниот завод за статистика, Ива Ѓеорѓиева порача дека ова е прва фаза од официјалниот попис кој ќе се спроведе од први април.
„Станува збор за редовна постапка во сите пописи. Попишувањето се одвива во најдобар ред и се запазуваат сите мерки за КОВИД –19. Исто така, пописот се спроведува и со електронска апликација, оди доста бргу и претпоставуваме дека ќе завршиме денеска“, информираше Ѓорѓиева.
Покрај припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои денеска се попишани, во оваа фаза на реализација на пописот учествуваат и припадниците на Армијата кои се наоѓаат во меѓународните мисии „Одлучна поддршка“ во Авганистан, силите „КФОР на Косово“, мисијата „УНИФИЛ“ во Либан, операцијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и во операцијата на ЕУ во Централноафриканската Република.
Припадниците на Армијата кои редовно извршуваат задачи во државата, ќе бидат попишани како и сите останати граѓани, односно во периодот на реализација на пописот од 1 до 21 април 2021 година.