Во Годишниот извештај за Северна Македонија поднесен до Европскиот парламент (ЕП), кој ќе се најде на дневен ред пред европратениците утре и задутре (24 и 25 март 2021) да се додадат и амандмани кои се однесуваат на непримереното однесување и провокации на претставници на бугарските власти. Со таков предлог вчера излегле европратеници од Зелените и од Социјалистите, кои ги поднеле амандманите, јави бугарската агенција БГНЕС.
Со амандманите, како што пренесува агенцијата, претставници на бугарската влада се обвинуваат за „провокативни изјави за историски прашања“ што ја засегаат Република Северна Македонија и се „повикуваат бугарските власти да се воздржат од слични изјави, и покрај предизборната кампања во Бугарија“.
БГНЕС побарал и став од бугарските европратеници, а од нив конзервативците Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски се изјасниле дека ќе гласаат против таквите амандмани, додека известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук, од Алијансата на либералите и демократите за Европа дава неутрален одговор. Европратеникот Сергеј Станишев, претседател на Европските социјалисти, пак, не одговорил на телефонските повици и испратените пораки од БГНЕС.