Проф. д-р Никола Пановски, кој од почетокот активно ги следи сите случувања поврзани со пандемијата на ковид-19, на 8 март ја примил првата доза вакцина на „Фајзер/Бионтек“. Уште по примањето на првата доза, вели дека се чувствувал подобро, а од нус појави, имал само болка во раката. Тој за „Мета.мк“ вели дека вакцината на овој производител е прилично ефикасна затоа што брзо создава имунитет.
Првата доза ја примив на 8 март. Таа вечер до следното утро имав болки во раката. Немаше малаксаност, утредента дури и играв тенис без проблем, вели Пановски
Тој посочува дека голем дел од неговите колеги кои ја примиле оваа вакцина ги болело местото на убодот, а некои имале и малаксаност.
„Обично тие што имаат антитела од претходно, имаат малаксаност. Сега во понеделник треба да ја примам втората доза, заедно со колегите кои на тоа имаат право, односно тие што работат со лабораторија, Институтот за микробиологија, имунобиологија, судска медицина, патофизиологија, физиологија“, информира Пановски.
Пред да ја прими вакцината, немал антитела, односно тестот покажал 0,3, под референтната вредност.
„Неофицијално, тоа што го видов од колегите што се вакцинираа од клиниките, кај сите имаше антитела после првата доза односно после 21 ден, пред да ја примат втората доза. Кај тие што имаа од претходно антитела, апаратот покажа дека имаат над 100. Тоа е доволно. Јас не гледам логика тие да се вакцинираат со втора доза. И да не се над 100, се заштитени. Некои проверија антитела на 10 дена од примената прва доза, и на 10 дена покажа антитела. Тоа е доказ дека „Фајзер“ брзо создава имунитет, имаме доказ дека има имунитет. Се работи за неутрализирачки антитела, кои штитат и директно го штитат организмот од вирусот. Ова се антитела кои се спремни за имун одговор“, појаснува професорот.
Според она што го кажува производителот, оние кои ја примиле оваа вакцина, се заштитени од варијантите на ковид-19.
За британскиот докажано е дека штити, а исто така и од бразилскиот и од јужноафриканскиот сој, вели Пановски
„Од моите колеги кои примија прва доза, имаше некои кои се заразија, но никој не заврши во болница, симптомите им беа полесни. Вакцината штити не толку од тоа да се немаат симптоми, туку стопроцентно штити од тоа да нема хоспитализации. Доказ за тоа се Израел, Америка, каде што нема смртни исходи“, додава тој.
Откако ќе ја прими и втората доза, професорот вели дека ќе се однесува солидарно, односно ќе ги почитува мерките со носење маски и држење дистанца. Сепак, ќе си го прошири контактот со семејството. На граѓаните, тој им порачува да ги следат бројките на worldmeters.info во некои од земјите и самите да увидат каков е ефектот од масовната имунизација.
Пораката за населението ми е следнава – само нека го следат Израел и кривата на активни случаи која таму постојано паѓа, вели микробиологот
„Израел има 9 милиони жители, речиси пет пати е поголем од Македонија, а само четири смртни случаи дневно. Во февруари имаа по 100 смртни случаи. Бројот на нови случаи на дневно ниво им е паднат од 6.000 на 500“, потенцира Пановски.
На 17 февруари, во модуларната болница до Инфективната клиника, започна процесот на имунизација на здравствените работници. Државата тогаш ги доби првите количини вакцина на „Фајзер/Бионтек“ кои беа наменети за оние кои работат со ковид-пациенти. Вакцинација на населението сè уште нема, бидејќи чекаме да стасаат вакцини.