Германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл, денеска изјави дека договор за надминување на политичката криза мора да има што поскоро и тоа пред почетокот на летните одмори.
На почетокот на чии летни одмори мисли Хајндл, дали на почетокот на летната ваканција во земјите од Европската Унија или на таа во Македонија, е прашањето чиј одговор отприлика би можел да го дефинира датумот до кога потписниците на Договорот од Пржино имаат рок да ги надминат несогласувањата и да постигнат конечен договор за излез од кризата.
Во Македонија, перидот во кој почнува користењето на летните одмори е јули и трае до крајот на август, па дури и првата половина на септември, кога дел од вработените се одлучуваат да го искористат правото на годишен одмор.
Во Европа, пак, знаците „затворено“ на дуќаните, „не сум во канцеларија“ и намалената фреквенција по улиците, се резервирани за почетокот на август.
Сепак, ако се земат предвид летните ферии на македонските институции и одморите на нивните европски колеги, тие во најголем дел се совпаѓаат.
Европските летни одмори почнуваат во август. Од почетокот на август па сè до 20 истиот месец, македонското собрание е празно, односно пратениците заминуваат на летен одмор.
За членовите на Владата нема некој период кога сите колективно го користат летниот одмор. Сепак од 5 до 15 августВладата не одржува седници, па најголем дел од нејзините членови во тие десетина дена одат на летен одмор.
Судската ферија, пак, вообичаено почнува на 15 јули и трае до 15 август.
Минатата година Договорот од Пржино, кој првично беше потпишан на 2 јуни, беше финализиран на 15 јули, по што главните актери заминаат на годишен одмор.
Најголемо внимание во јавноста предизвика одморот на тогашниот премиер Никола Груевски, која на плажа во Израел беше фотографиран како носи очила за сонце, кои, како што пренесоа медиумите, се од брендот „мајбах“ и чинат околу 60.000 долари.