Министерот за здравство, Венко Филипче во вторник ќе замине во официјална посета на Белград, каде што ќе се сретне со министерот за здравство Златибор Лончар и директорката на Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.
„Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, онаа соработка што ја имаме околу експертизата, нивни експерти во делот на гинекологија, неонатологија, кардиохирургијата, меѓутоа и некаков стратешки план за набавка на вакцини од Институтот „Торлак“ со оглед на тоа што во овој момент не ни се потребни, но гледаме како се одвива работата со пандемијата и сметам дека најлогично решение е Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму“, рече Филипче.
Српскиот Инстутут „Торлак“ веќе започна со производство на руската вакцина против ковид-19 „Спутник V“, а кон крајот на годината најавено е и почеток на производство и на кинеските вакцини.