Јавното претпријатие за државни патишта во првите четири месеци од 2021 година од наплата на патарина инкасирало 12.150.185 евра. За овој период вкупно е наплатен надоместокот за користење на автопатите од 10.732.244 возила, информираат за „Мета.мк“ од ова јавно претпријатие.
Оттаму информираат дека при споредба со 2019 година, во периодот пред отпочнувањето на ковид-19 пандемијата, може да се увиди дека во првите четири месеци од 2021 година, процентот на приходи остварени од наплатните станици во земјава е зголемен за 4,45 отсто. Притоа, бројот на возила кои минале низ наплатните рампи во идентичниот период е намален за 10,9 отсто во однос на првите четири месеци од 2019 година.
„Најдобра слика за последиците од пандемијата може да се забележи преку опаѓањето на бројот на возилата кои транзитираат на наплатните станици и тоа, ако во 2019 година, во првите 4 месеци било наплатено на вкупно 11.908.915 возила од сите категории, за истиот период во 2021 година наплатено е на 1.176.671 возила помалку односно, поради целата ситуација, полицискиот час, затворени граници и слични рестриктивни мерки, наплатено е на вкупно 10.732.244 возила“, информираат од ЈП за државни патишта.
Во делот на електронската наплата на патарина, во периодот јануари-април 2021 година, остварен е промет од продажба на електронски уреди, надополнувања и наплата на ВТ тикети во висина од над 2 милиони евра. Во овој период продадени се вкупно 2.294 електронски уреди, или поединечно 1.233 М-Смарт картички и 1.061 М-Таг уреди. Од започнувањето со електронската наплата на патарина, заклучно со 30.04.2021 година, продадени се вкупно 23.759 електронски уреди, од кои 15.060 се М-Смарт картички и 8.699 се М-Таг уреди.
Зголемениот приход од наплата на патарина наспроти намалениот број на возила се должи на пуштањето во употреба на новите наплатни станици долж Коридорот 10, но и на високиот процент на наплата на овој надоместок од возачите.