Предлог до Собранието за одржување референдум против воведувањето дигитални учебници

Сподели

 

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска до Собранието на РСМ го достави предлогот за покренување на иницијатива за распишување на референдум, со цел граѓаните да се изјаснат околу нацрт-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали. Покрај тоа што се залагаат за стопирање на дигитализацијата во образованието, бараат и да се сопре воведувањето на сеопфатно сексуално образование.

Во насока на организирање на референдум, од иницијативата информираа дека досега собрале околу 600 потписи во Скопје. Тие очекуваат во рок од три дена да добијат одговор по поднесувањето на предлогот за референдум, а во спротивно ќе сметаат дека предлогот е уреден и ќе пристапат кон собирање на 10.000 потписи за поддршка на иницијативата за распишување референдум.

Од иницијативата денеска побараа средба со премиерот Зоран Заев, откако им пропаднаа досегашните обиди да ја убедат министерката за образование и наука Мила Царовска да го повлече законот за учебници.

Инаку, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева денеска организираше прес-конференција, со која од пред Министерството за образование и наука побара тие да постапат „по барањата на јавноста“ и да не ги укинуваат учебниците.

„Концепција за дигитализација со која ќе се укинат учебниците во основното образование нема да дозволиме да се спроведе. Масовните протести на родителите, наставниците и учениците кои се случија пред неколку дена се доволен доказ дека станува збор за уште еден неуспешен проект во образованието“, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.