Во европските земји треба да платите за да депонирате отпадно стакло до рециклаторот, а кај нас компаниите за рециклирање нудат да платат за овој селектиран отпад. И покрај тоа, нема доволно интерес за селекција на отпадот. Овој пример го наведуваат од компанијата АКРОН ДОО, која што се занимава со третман на отпадно стакло во земјава.
Тие посочуваат дека во С. Македонија има 30-тина поголеми и помали фирми кои го двојат стаклото од другиот отпад, којшто завршува во нивниот процес на рециклажа. Сепак, постојат и увозници на најмалку 1.000 тони рамно стакло годишно коишто не се вклучени во процесот на селекција, односно нивните менаџери не посветуваат внимание да направат минимум услови за селекција на отпадот.
„Таква фирма има најмалку 10 отсто отпад при кроење на стаклото. Значи без ништо да се скрши, оштети или згреши, таа фирма има барем 100 тона стаклен отпад годишно. Ако го носи на легална депонија (Дрисла) треба да плати 50 евра по тон депониран стаклен отпад или најмалку 5.000 евра“, објаснуваат за „Мета.мк“ од АКРОН ДОО.
На оние кои го селектираат стаклениот отпад, тие им исплаќаат 40 евра по тон, но за многумина и тоа не е доволен поттик за селекција на отпадот. Од овој рециклатор велат дека Државниот инспекторат за животна средина треба да врши почести контроли на фирмите кои сечат и прават производи од стакло, а за почеток доволно би било да ги посетат и да ги опоменат дека треба да вршат селекција на стаклото и депонирање до компаниите за рециклажа.
Од АКРОН ДОО посочуваат дека откупната цена на стаклото е многу ниска, така што речиси и да нема неформални собирачи на овој вид отпад. Тие дополнуваат дека постоечката законска регулатива забранува фрлање на отпадно стакло во контејнери за комунален отпад, исто како што е забрането стаклото да завршува на дивите депонии. Поради ова, оттаму истакнуваат дека мора да се почитува постоечката регулатива во делот на управување со отпадот.
Од АКРОН ДОО сметаат дека покрај воспоставувањето на неопходната инфраструктура од засебни контејнери и јавни комунални претпријатија кои одделно го собираат селектираниот отпад, неопходно е да проработи и свесноста кај граѓаните.
„Ако закупите стан во Љубљана дури и на 2 дена, газдарицата пола саат ќе ви објаснува како се селектира и како се фрла ѓубрето со посебна нотација дека ако погрешите казната за целиот куќен совет ќе ја платите вие“, велат од АКРОН ДОО и дополнуваат дека ако вработените од комуналното претпријатие во Љубљана забележат погрешно селектиран отпад, тие го пломбираат контејнерот и веднаш пристигнува инспекција која што пишува казна за куќниот совет на зградата.
„Мета.мк“ контактираше и со АДКОМ, Здружението на даватели на комунални услуги во кое членуваат јавните комунални претпријатија од земјава, кои исто така напоменаа за позитивниот пример на Словенија во делот на селекцијата на отпадот. Сепак, тие тврдат дека се неопходни минимум три различни контејнери во кои граѓаните ќе треба да го фрлаат ѓубрето, а ова би значело и набавка на посебни комунални возила за собирање на селектираниот отпад, дополнителен број на вработени, додатен трошок за гориво, амортизација и резервни делови, опрема за механички-биолошки третман на отпадот.
Од друга страна, тие го посочуваат и проблемот на висината на сметките за одлагање на отпадот, кои во некои општини за граѓаните и компаниите не се зголемени повеќе од 15 години. За јавните комунални претпријатија проблем постои и со пласманот на селектираните количини отпад до рециклаторите. Излезот од постојниот низок процент на селекција на отпадот тие го гледаат во градењето на неопходната инфраструктура и ресурси за селекција на отпадот со помош на фондовите на ЕУ, како и со дополнителни средства што би ги издвоила државата.