За секој чоек, чоек има
Ваков или онаков ама на душа да ти се лепи
Да ти биди ко дел од тебе отсечен
Та повторно зашиен со многу љубов
За да не се познај засекот кај е
Чоек има за секого
Ко шо има за секое грнче капаче
Та ништо поубо нема од тој миг
Кога капачето ќе си го најдиш
И кога во срцето ќе знајш оти нечие грнче си
Оти веќе нема празно сам да зјаеш
Или капачето без грнче да остани
Зашуткано некаде кај шо никој не го мисли
Дур еден ден негде не загини
Или пак, не дај Боже, се скрши
За секој еден чоек на земјава, чоек има
Ама пусто како да се најдите
И како да си бидите од две-едно
Да се сторите ко чаршаф исплетен
Густо навезен, ништо да не можи да го одвои
Освен насила да го скини
Ко шо само смртта можи
За секое грнче капаче
За секој чоек, чоек
За секое пиле, друго пиле
За сами да не се
Заедно за да запеат и да ечи
Абе светов да одекнува од љубовна песна
Оти пиле со пиле ко ќе се најди
Нема кафез кој можи да ги скроти
Ниту темница која можи да ги занеми
Зато пиле мое, ете зато капачето да си го најдиш
И да знајш како нечие грнче да бидиш
Оти сам по сам не бива
Ниту ти некојпат среќна ќе си
Ниту тој карши тебе виделина ќе има
И колку и да ти е полна душата
Без капаче само ќе прелева и ќе се троши
Ќе ти истечи љубовта
И добрината ќе ти се одлее
Не го бива чупче чоек сам
Не го бива без својата втора полојна
Како без живот и смеа
Како без убост и радост
Зато пиле умна да си
Очите во глата да си ги отвориш
А душата и срцето уште поќе
За да го познајш
За да не го одминиш незнаејќи дека тоа е ТОЈ
Твоето пиле
Твојот убав чоек
Твоето капаче
Душата твоја на две пресечена
Ко јаболко преполоено
Ко од гром, дрво расцепено
Ко река пресушена
Ко сега шо си
Пиле мое, душо моја