Во рамки на засилените полициски активности за борба против недозволената трговија со наркотична дрога, во заедничка акција на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и ОВР Прилеп –Надворешна канцеларија за криминалистички работи Прилеп на 10.06.2021 околу 01 часот запленета е дрога вредна околу 200.000 евра, чија крајна дестинација била Грција, а приведено е едно лице, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
-Од страна на сообраќајна патрола од ОВР Прилеп околу 1 часот на регионалниот пат Прилеп-Градско, во близина на бензинска станица, било сопрено товарно моторно возило „ман“ со албански регистерски таблички, управувано од Б.Ј. (40) државјанин на Р.Албанија. При контролата, од страна на албанскиот државјанин на полициските службеници им биле понудени пари за да не извршат службени дејствија за контрола на возачот и возилото. Од страна на полициските службеници извршена е контрола, при што во приколката се пронајдени две големи торби во кои биле сместени 50 пакувања со марихуана во вкупна тежина од околу 50 килограми. Проценетата вредност на дрогата е околу 200.000 евра. Возачот е лишен од слобода и во текот на денот со кривична пријава ќе биде предаден на ОЈО Прилеп“, соопшти Ангеловски.