Колку од нас умеат да ги раскрилат своите крилја за да полетаат до местото каде што едно битие се обидува да ги исправи сите изместувања, несовршености…и колку од нас умеат сето доживеано и преживеано да го согледаат почнувајќи од кризата на човековото (наше) самоспознание …преку интуицијата и метафизичката теза за „креативната еволуција“, низ уметноста за да можат да стигнат до една поинаква совршеност на човекот кој не е ограничен во контекст на реалноста во ниту еден сегмент на битисувањето…
Таа совршеност има своја сопствена длабочина, своја сопствена моќ и сопствена игра за оние кои тргнале на тој пат за да ја осознаат играта на животот.
Само низ тоа патување, Човекот ги кристализира врвните моменти на низа површински феномени и го препознава во нив карактерот на законитоста, совршенството на (не)хармоничните пропорции на времето и просторот, ц(в)рвот на убавината која се гледа и од нај оддалечената точка на универзумот, во достоинството на човечкото во „човекот“, во големината на љубовта, во сите „живи форми во природата“ кои заедно со душите Алеф се скриени во уметничката перцепција за светот некогаш и сега…
Многумина од нас ќе мислат дека тргнале на тој пат, некои дека го поминале, трети дека допрва ги чека…но, само оние кои ќе останат свои и полни со добрина и покрај сите предизвици на патот… ќе можат да кажат дека знаат да ги разликуваат (не)човеците…
статус, Соња Р. Јовановски