Опинчарството еден од најзастапените занаети во XIX век

Сподели

 

Појавата и потреба за носење обувки овозможила развој на опинчарството како еден од најзастапените занаети во XIX век. На самите почетоци, овој занает бил сметан за градски, но подоцна со масовната употреба на овие обувки се проширил и во поголемите селски средини.
 
 
 
 
Опинчарите најчесто изработувале опинци од штавена и нештавена кожа (говедска сува и сурова кожа, телешка кожа, кожа од камила, а поретко и кожа од свиња). Опинците од нештавена кожа биле поеластични и поудобни за носење, но биле понежни, послаби и полесно се кинеле. Занаетчиите, не само што изработувале, туку и поправале (репарирале) и лепеле опинци.
Опинците по нивната изработка се разликувале и делеле на опинци за градска и селска средина. Доколку, опинците биле наменети за жителите во градот, мајсторите ја бричеле кожата од влакната, со цел да не се внесува кал во куќите. Наспроти нив, во селата се правеле опинци од необричена кожа, и на тој начин постигнувале повисока трајност и издржливост на обувките.
 
 
 
 
За изработка на опинците бил користен соодветен алат, кој се состоел од стол без наслон за седење, каца до половина закопана во земја во која се вршело штавењето на кожата, а потоа и лужење, казан за греење на водата при боење на кожата, кофа за пренесување на вода, буре за боење на кожата, дрвено сито за исцедување, калап за растегнување на кожата, нож за чистење или пердашење, остар нож за кроење на врвките, шило, кашикмајак (издупчена дрвена лопатка), точило за острење сечила, разни калапи – кројки за кроење и др.
 
 
 
 
Поимот опинок многу често се издвојува и како синоним во македонскиот јазик, со различно значење од функцијата која ја има, дури и со пежоративно значење. Вакви синоними среќаваме и пошироко во соседните замји каде што се употребувале опинци. Така, во дигиталниот речник за македонски јазик под именката опинок сретнавме и неколку изрази кои се користат, а не се однесуваат на обувки изработени од кожа: „ Ќе ми ги јаде опинците“- синоним за поимот „ништо не ми може“, или „Железни опинци ќе искине..“ – синоним за голема упорност…