Течат последните подготовки за најголемата меѓународна конференција која се организира во нашата држава „Преспа форум дијалог“.
На 1-ви и 2-ри јули во Охрид и Отешево ќе се сретнат лидерите на државите од регионот со највисоките претставници од Европа и САД. Низ големиот број на панел дискусии, панелистите ќе се осврнат на носечката тема на конференцијата „Западен Балкан: Делот што недостига за Европа да биде целосна”.
Во основата на Преспа форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот.
Како тема за првата Конференција, всушност избравме прашање на обработка, кое во текот на целата година беше фокус на нашата надворешна политика, а тоа е надградбата на нашата пристапување кон ЕУ, следејќи го трендот што не само кај нас, во регионот, туку и во ЕУ се наметна како стратешко прашање, а тоа е стратешкиот интерес на ЕУ да го интегрира Западниот Балкан, како дел што недостасува, за да се заокружи проектот за обединета Европа. Не само создавањето на платформата, туку и темата на Конференцијата покажа една сериозност кај нашите меѓународни партнери дека не сме неми набљудувачи на процесот туку активно придонесуваме кон реализација на проектот, давајќи сопствен придонес, следејќи ги трендовите.
Не е изоставен ниту делот на трансатлантските врски, кој ќе биде тема на дискусија и обработка на Панелот на високо ниво, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западниот Балкан. Впрочем, конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели ќе го обработува Западниот Балкан, дали е тоа гледано низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, дали е низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие важни процеси, па дури имаме и посебен Панел, што ќе биде првиот кој ќе се пренесува на платформата на ЕУ за Конференцијата за иднината на ЕУ, што впрочем е премиера на регионот во оваа дебата и тоа во соработка со Службата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Доаѓаат двајца претседатели на држави, на Словенија и Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, Северна Македонија ќе биде домаќин на четири премиери од регионот, Еди Рама, Зоран Тегелтија, Ана Брнабиќ и Албин Курти, како и осум министри за надворешни работи од Албанија, Австрија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Полска, Грција, Чешка и Италија. Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот на САД, Филип Рикер и заменик помошник Секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт департментот на САД, Метју Палмер, ќе бидат дел од Конференцијата, додека пак од ЕУ, ќе присуствуваат комесарот Јоханес Хан, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Анџелина Ајнхорст од Службата за надворешна и безбедносна политика, како и неколку пратеници од Европскиот парламент. Француската република, го препозна значењето на Конференцијата и како гости и учесници ќе бидат специјалниот пратеник на министерот, Жан-Ив Ле Дриан, сенаторот Алан Ришар, како и пратеникот Жак Мер.
Присутен секако ќе биде и поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, како и значајни претставници од така наречената „Охридска група“. На највисоко можно ниво ќе бидат претставени ОБСЕ и Советот на Европа, а тука се и генералниот секретар Марија Пејчиновиќ Буриќ, генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу, генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и на Комитетот за демократии, Томас Гарет.
Конференцијата, во живо ќе се пренесува преку ју тјуб каналите на Преспа Форумот, преку социјалните медиуми, но ќе ја покриваат и над 100 домашни и странски акредитирани новинари. Конференцијата ќе се спроведува согласно сите здравствени протоколи во врска со ковид мерките.
Конференцијата е под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Министерството за надворешни работи.