Заев: Договорот од Преспа е глобална порака за дијалог и мир

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими помошникот генерален секретар на Обединетите Нации за политички прашања Мирослав Јенча, кој, на покана на Владата и на Министерството за надворешни работи, учествува на Преспа форум дијалог што овие два дена се одржува во Охрид.

Премиерот Заев на средбата ја потенцираше посветеноста на нашата земја кон ефективен мултилатерализам и за зајакнување на улогата на Обединетите Нации во решавањето на повеќеслојните глобални предизвици и искажа силна поддршка за процесот на реформи инициран од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, чиј фокус е ставен на спречување на конфликти, одржлив развој и реформи за силна и ефикасна организација на Обединетите Нации.

Обединетите Нации, секогаш беа со нас и ја поддржуваат Република Северна Македонија во сите фази на нејзиниот развој и во процесот на меѓународното признавање и етаблирање на државата во меѓународни рамки и за тоа сме многу благодарни, рече на средбата претседателот на Владата Заев.

Помошникот генерален секретар на Обединетите Нации за политички прашања Мирослав Јенча на средбата изрази задоволство од можноста да допатува во нашата земја и да учествува на Преспа форум дијалог кој се одржува како инспирација од Договорот од Преспа кој претставува историска потврда колку многу може да се постигне со политичка волја и храброст.

Премиерот Заев и помошник генералниот секретар на ОН за политички прашања Јенча споделија оценка дека Договорот од Преспа е глобална порака за мир и дека ОН и генералниот секретар Гутереш постојано го потенцираат како еден од ретките позитивни примери на денешницата.

Премиерот Заев во разговорот изрази уверување дека соработка со ОН ќе продолжи и во иднина, во насока на обезбедување понатамошна поддршка на нашите развојни цели поврзани со нашите аспирации кон ЕУ и за автентичниот придонес на Северна Македонија во решавање конфликти, развој на културата на мирот, внатрешна кохезија, добрососедски односи и градење доверба, постигнати преку трите договори: Охридски рамковен договор, Преспански договор, Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија.