На свечена церемонија одржана денеска во Вилата „Водно“, претседателот Стево Пендаровски ги одликуваше Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими (сите постхумно) и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за Република Северна Македонија. Орденот за заслуги е одличје кое им се доделува на личностите кои со својот ангажман придонеле и направиле врвни остварувања во разни сфери од општествениот живот во земјава.
Во Указот од претседателот Пендаровски се наведува дека Орденот на г. Мукаетов му е доделен за континуитетот, иновативноста, визијата и за беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија; за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад; за инвестицијата во новите технологии, во едукацијата и во експертизата на кадарот кој ги создава брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.
На свечената церемонија на примопредавањето, г. Мукаетов се заблагодари за високата чест што му е укажана со престижното државно одличје и изјави:
„Орденот го добивам во годината на 85-тиот јубилеј на Алкалоид. Пред 15 години јас застанав на чело на тој систем со цврсто поставени принципи на корпоративно управување но внесов нова енергија согласно спецификите на модерните текови, секогаш имајќи ја на ум максимата на мојот татко, Трајче Мукаетов: ‘Алкалоид е компанија за сите времиња и мора да мислиме на нашата иднина’. Алкалоид е компанија на 2500 семејства, 1100 добавувачи и над 5000 акционери, на сите нас. Вложувањето во иднината на заедницата во која живееме и работиме ќе остане на врвот на моите приоритети, преку помагање во здравството, фармација, образованието, културата, спортот, преку мојата функција на генерален конзул на Кралството Данска во земјава и филантропијата воопшто. Посветено работам и ќе продолжам да работам претставувајќи ја успешната македонска приказна дома и надвор од нашите граници.
Но јас, тука и сега, не би бил она што сум без моето семејство, на кое сум неизмерно благодарен што се моја безрезервна поддршка! Во ова време на огромни предизвици и неизвесности, благодарам на Бога што денес со добра намера и позитивна мисла сме собрани тука и посакувам само да продолжи да нѐ служи доброто здравје!“
Орденот за заслуги е одличје кое се доделува од 2007 година од претседателот на државата. Тој е изработен од сребро со позлата и со 8 вградени рубини, има ѕвездеста форма со дијаметар од 65 мм, а негов автор е Петар Гајдов, фалерист, хералдист и вексиколог.