Драгана ЧЕРНИХ: ДЕНЕС СЕ СЕЌАВАМЕ – 58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Сподели

 

Денеска, 26 јули 2021 година, се навршуваат 58 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот Скопје.
 
 
 
 
Точно во 5 часот и 17 минути градот за миг престанал да живее. Од земјотресот со јачина од 6.1 степен според Рихтеровата скала и интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала, загинаа 1070 жители а 3330 биле повредени. Покрај рушењата и оштетувањата на зградите и куќите, биле констатирани деформации на тлото во вид на ситни набори и пукнатини од неколку сантиметри широчина и десетина метри должина. Најмногу уривања или тешки оштетувања во самиот град Скопје настанале на пониските и постарите згради и куќи. Проценките биле дека околу 43% од сите објекти во Скопје биле урнати, а 38% биле тешко оштетени. Високите армирано-бетонски конструкции и другите современи градежни објекти претрпеле мали штети.
 
 
 
 
Се урнале јавните објекти како Народната банка, Офицерскиот дом, хотелот “Македонија” (сите три на плоштадот), Поштата, Железничката станица, Женската гимназија, зградите на Универзитетот и Народната и универзитетска библиотека, трите театри и многу други.
Големи оштетувања претрпела и индустријата. Најоштетени биле текстилната фабрика “Кузман Јосифовски – Питу”, фабриката “Цветан Димов”, печатницата “Гоце Делчев”, стакларата и др. Од културно-историските споменици и културните институции, од земјотресот готово целосно се уништило Калето, Сули-анот, Безистенот, Археолошкиот музеј и Заводот за заштита на спомениците, а многу други претрпеле големи оштетувања.
 
Во текот на истиот ден, во Сеизмолошката станица во Скопје регистрирани биле уште 122 земјотреса, од кои најсилните 2 последователни настанале веднаш по силниот земјотрес, и биле со интензитети од VII степени. До крајот на 1963 година од скопското епицентрално подрачје биле регистрани уште 411 земјотреса кои биле почувствувани со интензитет од III до VI степени.
 
 
 
 
Земјотресот од 26.07.1963 год. е само еден од трите нам досега познати катастрофални скопски земјотреси. Останатите два што се случиле во 518 год. и во 1555 год., според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје, утврдено е дека биле со јачина од 6.1 степен по Рихтеровата скала и интензитет од IX степени.
 
Серијата земјотреси кои се случија во септември 2016 година повторно ги потсети граѓаните на Скопје за непредвидливоста на оваа природна катастрофа и ја разбуди свеста за превентивна заштита од дејството на земјотресите.
 
Според податоците и истражувањата на нашата Сеизмолошка опсерваторија повратниот период на повторување на ваков силен земјотрес кој би можел да се случи во ова епицентрално подрачје, е 500 години. Се наметнува неопходноста да се гради според прописите за асеизмичка градба за заштита од земјотрес со интензитет до IX степени ЕМС-1998.
При заштитата од земјотресите клучна е и едукацијата на населението почнувајќи од најрана возраст за начинот на однесување при земјотрес во зависност од местото каде се наоѓаме за време, како и по земјотресот.
Превентивната заштита од дејството на земјотресите поради високата сеизмичка активност на целата територија на нашата држава треба да биде широко применувана и развивана заради намалување на високиот степен на сеизмички ризик. Денес науката не може да врши влијание на промената на сеизмичката активност, но затоа пак со сигурност може да создаде услови за побезбеден живот.
 
Драгана Черних, Сеизмолошка опсерваторија при прирпдно-математички факултет – Скопје