Илинденски мелодии – Блаже Конески

Сподели

 

Илинденски мелодии
1. 
Бел трендафил — ти за мене цутиш, 
и ти, моме, мое ќe ми бидиш! 
Ти си, младост, за да се радувам, 
малој моме за да те милувам!

2.
Молчи, молчи, кутро срце! 
Дури среќно да ми бидиш, 
по апцани, по зандани
многу маки ти ќe видиш.

3.
Сношти жално низ темнина
јаор дрво шумеше.
Само легнав, сам си заспав,
ми се сони чуден сон.
Ми се сони темна магла,
во маглата до два сокла,
од крилје се бисер рони.
Кажи, мајко, стара мајко,
каков показ е?
— Тешка коба, судна мака 
коби, сину, твој от сон:
темна магла — темен зандан, 
до два сокла — до два брата, 
дробен бисер — ситен синџир.

4.
Лудо лежи во зандана,
тешки пранги на нозете,
дробен синџир на рацете.
           Никој не иди
           лудо да види,
                   таго ле!
Утре рано ќe отворат,
лудо младо да заберат,
лудо младо да загубат.
          Никој не гласи
          лудо да спаси,
               таго ле!

5.
Гарване море, црно пиле де!
Лоша коба кобиш, црни гласје носиш.

6.
Многу жал ми падна, многу црна мака, 
за твојата младост дека загина.

Силно момче беше, силно срце в rради, 
не истрпе срце ропство да го јади!

Ти нарами пушка, одбор чета собра 
и планина вати, гора зелена.

Те издемна душман, во злоба утаен. 
За отплата вика гробот твој незнаен!

7.
Крени се, Гоце војвода, 
доста си трпел неправди!

Тебе те чека гората, 
тебе те пека полето: 
на нива мачни селани, 
клетите робје в зандани.

Крени се, сину народен, 
поведи народ поробен!

Да ни е пролет пролетта, 
да ни е наше полето, 
да ни се мили селата, 
да ни е радост челадта!

Извадок од Блаже Конески – Поезија, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша Книга, Скопје, 1981