Објава на Фејсбук споделува видео во кое има изјава на Бенџамин Нетанјаху, поранешен премиер на Израел, дадена пред една година, претставувајќи ја како нова и лажно тврди дека Нетанјаху бил за чипирање на децата. Но, тој никаде не спомнува чипови за деца, туку само вели сензори кои ќе алармираат доколку децата се приближат на помало растојание од два метра, колку што е потребно со цел да се избегне пренос на коронавирусот. Нетанјаху самиот ја демантирал веста за тоа дека наводно бил за чипирање на децата, откако истата ја објавил веб-порталот „Инет“, пренесе „Јерусалим Пост“. Израел нема воведено чипирање на децата, ниту, пак, се подготвува за такво нешто, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу мета.мк го пренесува во целост:
Пост на Фејсбук злоупотребува стара лажна вест со цел да ја дезинформира јавноста дека Израел ќе почне да ги чипира децата и сето тоа во контекст на добро познатата теорија на заговор поврзана со пандемијата против ковид-19, дека се подготвува чипирање на луѓето со цел нивна контрола.
ИЗРАЕЛ
„Теоретичарите на завери“ беа постојано банирани поради тврдењата дека се подготвува чипирање поради контрола на целото светско население. Епа почна да се случува. Израел објави дека има намера да почне со микрочипирање на своите граѓани, особено децата. Сето тоа за добро, хаха, педофилија итн. Исто така, имаат намера да постават звучен аларм кој ќе спречи поголемо приближување и контакти помеѓу луѓето, се вели во постот.
Објавата споделува видео во кое има изјава на Бенџамин Нетанјаху, поранешен премиер на Израел, дадена пред една година, во 2020, претставувајќи ја како нова.
Зборував со експерти за технологија со цел да најдеме мерки кои ќе бидат добри за Израелците, како сензори, на пример, секоја личност, секое дете, јас сум прво за децата, да имаат сензор кој ќе свири како аларм ако дојдат премногу блиску, како оној на автомобилите, вели Нетанјаху.
Тој никаде не спомнува чипови за деца, туку само вели сензори кои ќе алармираат доколку децата се приближат на помало растојание од два метра, колку што е потребно со цел да се избегне пренос на коронавирусот.
Нетанјаху оваа изјава ја дал во мај 2020 година кога бил премиер на Израел. Израел нема воведено чипирање на децата, ниту, пак, се подготвува за такво нешто, како што се тврди во постот. Исто така, Нетанјаху повеќе не е премиер на Израел и неговата изјава во денешен контекст нема никаква тежина.
Оваа вест, дека Нетанјаху бил за чипирање на децата е лажна, односно самиот тој ја демантирал, откако истата ја објавил веб-порталот „Инет“, пренесе „Џерусалем Пост“.
Теориите на заговор понекогаш стигнуваат до заблудa. Разговаравме за играчка за деца, доброволна нараквица што секој може да избере да ја носи, појаснил Нетанјаху отфрлајќи ја како што рекол, урбаната легенда дека имаме намера да вградиме сензори во децата, пишува Јерусалим Пост.
Според погоре изнесеното, можеме да заклучиме дека Израел не почнува со чипирање на децата, со што уште еднаш паѓа во вода теоријата на заговор дека пандемијата има за цел контрола на светското население. Затоа, оваа Фејсбук објава ќе ја оцениме како лажна, пишува „Вистиномер“.