Талибанците ја прогласија за завршена војната во Авганистан по преземањето на претседателската палата, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата.
Припадниците на исламистичкото движење вчера влегоа во Кабул без да наидат речиси на никаков отпор, а Гани замина велејќи дека сака да избегне крвопролевање. Според најновите информации, тој сега се наоѓа во Оман. Во меѓувреме стотици Авганистанци се обидуваат да одлетаат од аеродромот во Кабул, каде е невиден метеж, пренесува мета.мк.
На Талибанците им требаше неполна седмица за да ја освојат целата земја, а вчера утрото дојдоа до главниот град на Авганистан, каде првин чекаа по наредба на периферијата а потоа почнаа да навлегуваат без речиси никаков отпор. Владините безбедносни сили се предаваа речиси без поговор.
Мохамед Наим, портпарол на политичкото биро на Талибанците за „Ал Џезира“ изјави дека наскоро ќе биде прогласен новиот режим во Авганистан, нагласувајќи дека Талибанците не сакаат да живеат во изолација и повикуваат на мирни меѓународни односи.
„Го постигнавме она што го сакавме, а тоа е слобода на нашата земја и независност на нашиот народ. Нема да дозволиме никој да ги користи нашите земји за да напаѓа некого и не сакаме да нанесуваме штета никому“, рече Наим.
Според „Ројтерс“, талибански лидер што инсистирал на анонимност рекол дека војниците на нивното движење низ целата земја се прегрупираат и ќе чекаат сите странски сили да ја напуштат земјата пред да создадат нови структури на власта. Тој рекол и дека на талибанските борци им е „наредено да им овозможат на Авганистанците да продолжат со секојдневните активности и да не прават ништо што би ги исплашило цивилите“.
Улиците во центарот на Кабул се речиси празни.Стотици Авганистанци вчера вечерта се наредија крај пистите на аеродромот во Кабул, надевајќи се да се качат на еден од последните комерцијални летови пред воените сили на САД да ја преземат воздушната навигација. Според Стејт Департментот на САД, рано утрово и амбасадорот Рос Вилсон и целиот персонал на амбасадата се префрлени со хеликоптери на аеродроот во Кабул и очекуваат да бидат транспортирани надвор од земјата.
Вчера и утрово војниците на САД што го обезбедуваат аеродромот повеќепати пукале во воздух за да ги предупредат Авганистанците што сакат да избегаат од земјата да се тргнат од пистите или да не се обидуваат да се качат во некои од воените авиони.
Голем број Авганистанци се исплашени од најлошото, оти сметаат дека ќе бидат убиени поради нивната соработка со демократски избраната влада или странските сили. Некои од соработниците на САД се веќе евакуирани со воени авиони.
Талибанците во текот на нивното владеење со Авганистан од 1996 до 2001 година строго спроведуваа шеријатско право, жените не смееја да работат, а казните како каменување, бесење или камшикување беа секојдневие.