Еколошката едукација е единственото решение – Кирил Арсовски Пржо

Сподели

 

Природата, екосистемите и биодиверзитетот се менуваат. Тие стануваат само полоши и за овој факт не постои никаков сомнеж. Но сега, во оваа новосоздадена дебата за вредностите, прашањето не е дали треба да направиме нешто, туку што треба да направиме сега? И можеби, само можеби, еколошкото образование е единственото решение.

Кирил Арсовски Пржо

Како што деновите заминуваат и одминуваат, и додека повеќето од нас седат во пижами во своите канцеларии кои сега ни се преселија дома, затворени поради втората пандемија во овој сè уште нов милениум, на нашите дигитални неба забележуваме дека голем дел од светот се соочува со катастрофалната и сурова реалност наречена климатски промени и со сето она што е поврзани со нив. Се чини дека силниот популарен галоп на еколошкото движење малку го забави темпото во овој период на пандемијата, но тоа не значи дека очекуваните резултати од светот што се менува ќе се случуваат со вакво темпо. Природата, екосистемите и биодиверзитетот се менуваат. Тие стануваат само полоши и за овој факт не постои никаков сомнеж. Но сега, во оваа новосоздадена дебата за вредностите, прашањето не е дали треба да направиме нешто, туку што треба да направиме сега? И можеби, само можеби, еколошкото образование е единственото решение.

Да го спасиме светот!

Човечкиот вид, поточно ние како животински вид, како популација и култура се соочуваме со апсолутно најголемиот предизвик во нашата пишана или усна историја. Ние мораме да излеземе со план за спас на нашиот свет, на нашата планета. Во време кога светот е поделен во секоја можна смисла како делче испукана земја, ние, луѓето, треба да го спасуваме општото добро. Јас мислам дека одговорот на ова прашање е утврден уште од многу одамна.

Пред речиси 30 години, во една топла пролетна ноќ во месец април, генијалниот американски комичар Џорџ Карлин, во своето историско шоу Џорџ Карлин: Џеминг во Њујорк (1992) ќе каже: „Ние сè уште не знаеме како да се грижиме за самите себе! Не научивме како да се грижиме еден за друг и сега ние ќе ја спасуваме планетата?!“ – И се плашам дека ова, за жал, е голема вистина. Како што запловуваме во третата деценија од дваесет и првиот век, пополека сфаќаме дека ги немаме потребните алатки за дури и да почнеме да размислуваме за начините на кои можеме да го решиме ова горливо прашање.

На крајот од изминатава пролет, светските лидери од земјите на Г-7 се состанаа на сончевиот и топол брег на Корнвол каде, освен за актуелната епидемиолошка состојба, тие дискутираа и за климатските промени – при што Обединетото Кралство беше лидерот кој се чини дека ќе ги повлече работите во правец на една поодржлива иднина. Состанокот заврши така што Г-7 државите се согласија да ги унапредат активностите во однос на климатските промени и уште еднаш ја повторија заложбата за обезбедување на 100 милијарди долари годишно за да им се помогне на сиромашните земји во намалувањето на емисиите.

За многумина, ваквите состаноци не се ништо повеќе отколку коктел забави на високо ниво, но ова беше поттик во вистинската насока, додека истовремено сме свесни дека еколошките прашања се Голијатот на проблемите на оваа генерација – тие се многу сложени, скапи и долготрајни. Иако идејата за решавање на проблемите е нешто што се „тркала“ и се развива во период од изминативе неколку децении, се чини дека сепак ќе треба да почнеме од почеток! Сè досега имаме испробано повеќе опции, методи и пристапи, но можеби треба да се обидеме со најстариот од нив: образованието. Пред да почнеме да развиваме планови за подигнување на свеста, ние треба да работиме на едукација. На еколошката едукација.

Ekoloskata edukacija e edinstvenoto resenieИзвор: pixabay.com

Прво едукација, потоа свест

Вообичаено е термините еколошка едукација и еколошка свест да се користат како синоними. Тука не станува збор само за семантика, туку се работи за сосема поинаков дел од дискурсот во нашето општество. Постојат многу директни и едноставни дефиниции за тоа што преставува едукацијата за животна средина. Можеме да ја дефинираме како образовен процес во кој луѓето учат за природата и за еколошките прашања. Многу е едноставно. Но, кога станува збор за еколошката свест – за неа можеме да кажеме дека претставува разбирање на вредноста на животната средина во целина.

За разните култури низ целиот свет ова може да значи многу различни нешта. Да се знае нешто и да се биде свесен за нешто се две различни работи на различни приказни. За да бидеме свесни за нешто, ние мора да научиме за тоа. Од тие причини, едукацијата мора да биде на прво место, уште пред да дискутираме за свеста. Образование во вистинското значење на тој збор – метод преку кој учиме за природата, биосферата, животните и растенијата… за нас. Потребите за актуелната свесност за животната средина, за образование и за еколошката свест се сокриени во старите принципи на природната историја. Да не заборавиме од што започна сето ова.

Да започнеме со наставата

Еколошкото образование го има променето своето место и позиција во последниве неколку децении – од дополнителна, спорадична и викенд активност, кон последна можност да направиме разлика. Денес, еколошкото образование е потреба да ги научиме младите и децата за иднината, за животната средина, за нивното опкружување и заедницата како и за проблемите со кои се соочува нивниот регион. Сведоци сме на уништување на екосистемите, на неодржливото управување со природните ресурси, загадување и намалувањето на видовите, па така, повеќе од очигледно е дека образованието претставува најсилно оружје во нашиот еколошки арсенал за да го спречиме ова што се случува.

На еколошкото образование мора да му се даде приоритетно место во образовните програми, како и надвор од училиштата, и тоа на што е можно повеќе начини. Со самото тоа што се надвор, преку пешачење, качување на планина и набљудување, децата можат да научат за важноста на екосистемите, за тоа како сите ние сме меѓусебно поврзани и за вредностите на екосистемските услуги. Во време на социјални мрежи, голем број на движења, организации и иницијативи се потпираат на современата комуникација.

Научната комуникација е еден прецизен систем кој претставува центар на каналите за информирање кои придонесуваат кон заедничкото добро. Целта на научната комуникација со цел заштита на животната средина не може да се постигне само преку објави на социјалните мрежи. Ние мора да изградиме еден сеопфатен образовен систем кој потоа ќе може да се надградува со текот на времето, како што ќе се случуваат нови нешта. Прошетките во природа, посетите на музеи, образовните прошетки на село или посети на фарми, отворени часови во ботанички градини и паркови се само некои од методите кои можеме да ги користиме. Конечно, ние можеме да употребиме било што, сè додека тоа е соодветно прилагодено на возраста, позадината, културата и локалните обичаи на децата.

Нè чека уште многу работа

Што е следно по состанокот на Г-7 државите, актуелната пандемија и еколошкото образование? Секој самит на Г-7 се организира со цел да се подготвиме за деновите што претстојат, за иднината. Место во кое сите ние, идилично, би можеле да бидеме заедно и да имаме заеднички став. Најчестиот став на оваа деценија е, и ќе биде, состојбата со животната средина и опасноста предизвикана од климатските промени. Додека сме „заглавени“ по дома, повеќето од нас, особено оние во западната хемисфера, пополека почнаа да ги сфаќаат вредностите на пешачењето на планина, пливањето во чисто езеро или, едноставно, прошетка во најблискиот парк, истовремено дишејќи свеж и чист воздух.

Во таа смисла, ако сакаме да имаме подобра иднина во која сите ние заедно ќе им се восхитуваме и ќе уживаме во убавините на оваа планета, неопходно е прво да почнеме да ја едуцираме следната генерација за тоа, додека истовремено даваме сè од себе нештата да ги поправиме сега, и тоа што е можно повеќе.

respublica.edu.mk