ТУК бара да се направат измени на најновата Одлуката за превентивни препораки

Сподели

 

Туристичко угостителска комора на Македонија ставајќи акцент за заштита на здравјето како приоритет, од почетокот на здравствено-економската криза активно дава придонес со доставување на мерките кои се ефикасни и спроведливо со цел намалување на трансмисијата на болеста, а истовремено кои имаат најмали негативни економски последици.

Во таа насока ја истакнуваме потребата да се направат измени на најновата Одлуката за превентивни препораки и мерки која стапи на сила пред два дена.

„Во одлуката е наведено дека се воведува забрана за влез во секаков вид на угостителски објект за лицата кои не поседуваат сертификат односно потврда за извршена имунизација или сертификат за прележан COVID19 во последните 45 дена. Сметаме дека тука треба да се создаде можност за влез во овие објекти и за лицата кои прележале ковид-19 во изминатите 6 месеци или кои ќе приложат резултат од негативен PCR тест или антиген тест. На тој начин повторно се внимава на заштита на здравјето, но се создава дополнителна можност за да не бидат изолирани лицата кои не се вакцинирани, а сепак имаат стекнат имунитет или со тест докажуваат дека не се носители на вирусот“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.

Одлуката предвидува од 1 септември за влез во државата да се приложи сертификат/потврда за вакцинација или потврда за прележан вирус во последните 45 денови. Сметаме дека и тука барањето за потврдата за прележан вирус во последните 45 дена, треба да биде заменета со потврда за прележан вирус во последните шест месеци, како што е во поголем број од државите и што е согласно препораките на стручната јавноста.

„Исто така укажуваме и на потребата спроведувањето на мерките и нивното почитување да се прави без исклучоци, бидејќи сме сведоци на ситуации каде во одредени угостителски субјекти континуирано не се почитуваат мерките и препораките, а при тоа не се соочуваат до последици, напротив претставуваат нелојална конкуренција. Покрај тоа што веќе истакнавме дека вработените во угостителските објекти немаат правна надлежност и овластување за барање на документи за, лична идентификација од посетителите, а исто така укажуваме и на опасноста од појава на фалсификувани потврди за вакцинација или за прележан вирус, за кои вработените во угостителските објекти немаат никаква надлежност. Ако инспекциите утврдат таков случај, одговорност треба да се бара од носителот на сертификатот а не од објектот“, истакна Ангеловски.

Ана Марија Алексова, член на ТУК презентираше дополнителни барањата кои се однесуваат на секторот туризам.

„Во одлуката во која се регулираат новите мерки е дозволено за да се влезе во државата, покрај поседување на сертификат за примена вакцина или потврда за прележан вирус да се одбере и можност 7 дневна изолација. Во овој дел бараме изолацијата да може да биде прекината по приложен негативен тест. Тоа значи дека граѓаните на самите гранични премини да се земат документ за самоизолација, а истата да може да биде прекината со приложување на негативен PCR тест или антиген тест уште во наредните 24 часа. Исто така потребно е во меѓуграничните зони да се воспостави можност за изработка на тестови за ковид-19 кои ќе бидат по достапни цени. За намалување на трошоците на граѓаните добро во мерките да се предвиди можноста за влез во државата со негативен селф антиген тест, кој може да се купи во аптека, истакна Алексова.

Таа потенцира неопходно е да се земе во превид дека воведувањето на новите мерки и рестрикции значи сериозно ограничување во работата на туристичко-угостителскиот сектор поради што и треба да се планираат економски мерки за поддршка.

„Истакнуваме и дека туристичката сезона се уште трае и треба да се креираат мерки кои се создадат услови  за таа  да може да се заврши и да се реализираат аранжманите кои беа одложени од минатата година на безбеден и сигурен начин. Со измените кои ги бараме и кои се веќе доставени до Владата сметаме дека ќе се постигне подобра заштита на колективното здравје, како и намалување на штетните економски последици“, истакна Алексова.