Со положување цвеќe пред Споменикот на Првиот скопски партизански одред во Карпош 3, каде ќе настапат Академскиот хор „Мирче Ацев“ и Академскиот хор „Оро“ од Ниш, со кино-проекција на филмот „Ослободувањето на Скопје“, во режија на Раде и Данило Шербеџија, Град Скопје денеска ќе ја одбележи 80-годишнината од основањето на Првиот скопски партизански одред (22 август 1941 – 22 август 2021).
Одбележувањето ќе почне во 10 часот со историска едукативна тура за млади во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработување на оружје за време на НОВ (1941-1944) во Скопје, а останатите активности се предвидени во 19 часот пред Споменикот на Првиот скопски партизански одред во Карпош 3.
Првиот скопски партизански одред претставува никулец на организираното народно-ослободително движење во Македонија на кој се надоврзуваат прилепскиот, кумановскиот, вториот скопски, велешкиот, битолскиот партизански одред…. бригадите, баталјонот „Мирче Ацев“, па сѐ до дивизиите и корпусите.
Во партизанските редови на одредот биле 42 партизани од кои 17 го загубиле животот во текот на војната, а од нив тројца – Александар Урдаревски, Раде Јовчевски-Корчагин и Боро Петрушевски се прогласени за народни херои.