Директорите на Државните архиви на Република Северна Македонија и Црна Гора, д-р Емил Крстески и Саша Томановиќ во Цетиње потпишаа договор за соработка.
На официјалната средба д-р Крстески и Томановиќ разменија мислења за досегашните искуства и работата и функционирањето на двата архива, како и за идните нивни планови и активности.
Со потпишувањето на овој билатерален Договор за соработка се дефинираат насоките на соработка во областа на историските документи и архивистиката и се продлабочуваат односите меѓу двата Архива.
“Овој договор значи повиско легислативно ниво на соработка со Државниот архив на Црна Гора и конкретни чекори за соработка при размена на историски документи. На средбата стана збор и за текот на процесот на дигитализација на двата архива, како и за воспоставување солидна соработка во рамките на процесот на сукцесија на архивската граѓа од поранешна СФРЈ, договор од 2001 година, кој Црна Гора го нема потпишано.
Црногорскиот архив сепак е заинтересиран да има документи од поранешната заедничка држава што се однесуваат на нејзината историја, а што се наоѓаат во архивите во Белград” изјави по средбата, директорот д-р Емил Крстески.
По потпишувањето на договорот директорот на Државниот архив на Црна Гора, Саша Томановиќ изјави дека потпишувањето на овој билатерален Договор е значаен чекор во унапредување на соработката и претставува сигнал дека двете пријателски земји успешно соработуваат и на ова поле.
На свеченото потпишување на Договорот присуствуваше и нашиот амбасадор во Подгорица, Михајло Трпковски.