Врховниот суд има итна потреба од најмалку четири судии за да може да функционира ефикасно, истакнала претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, на денешната седница на Судскиот совет, чиј член по функција е и таа, пренесува „Академик“.
„Судот не може да ја врши својата работа, а особено е алармантно во Одделението за судење во разумен рок, каде што работиме со два совета, а сме обврзани со рокови од шест месеци“, рекла Неделкова пред Судскиот совет.
Поради недостигот од судии во сите оддели, додала Неделкова, советите за одлучување се формираат од судии кои се и од Кривичниот и од Граѓанскиот оддел, што создава друг проблем, односно зголемување на барањата за изземање на судиите.
„Јас, како претседател на судот, морам постојано да пишувам изземања на судии бидејќи во советите членуваат судии што не се од одделот на предметите по кои постапуваат“, посочила Неделкова.
Избор на нов судија во Врховниот суд не е направен повеќе од три години, а во меѓувреме на голем број судии им престанал мандатот.
Недостигот од судии е нотиран и во извештајот за работата на Судскиот совет за 2015 година, според кој, Врховниот суд минатата година работел неефикасно и неажурно.
Неделкова апелирала итно да се изврши избор на судии во Врховниот суд и доколку е возможно, и покрај летните одмори, огласот за избор на судии да биде распишан што поскоро.