Околу 10.000 домаќинства од рурални и најмалку населени места првпат ќе добијат пристап до интернет во рамки на универзалната услуга од оператор што Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) планира да го избере на тендер до крајот на годинава.
Директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, појасни дека станува збор за домаќинства во населени еста за кои операторите немаа комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап и пренос на податоци за да се обезбеди ефикасен пристап до интернет.
– Сега треба да добијат можност да се поврзат на интернет преку некоја фиксна или мобилна технологија во зависност од пристапноста и од конфигурацијата на теренот. Најчесто, тоа се области лоцирани далеку од урбаните средини и според теренските услови и густината на населението, не се атрактивни за инвестиции во некоја од безжичните или кабелските технологии за пристап до интернет – изјави Димитријоски.
АЕК планира да ги распише тендерот по завршување на јавната расправа во тек на која до 12 следниот месец може да се достават мислења, забелешки и предлози, а до крај на годинава да ги избере давателите на универзалната услуга.