Основното општинско училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Општина Аеродром доби нова сензорна соба направена со донација на Евроинс Осигурување кон проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија. Ова е втора донација на Евроинс Осигурување за целосно опремување на сензорна соба, откако минатата недела беше отворена сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“ – Аеродром.
На отворањето на сензорната соба присуствуваа Извршната директорка на Евроинс Осигурување – Ралица Губерова, претставници од училиштето, како и претставници на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
„Со оваа втора донација Евроинс Осигурување уште еднаш ја покажува својата општествена одговорност и безрезервна поддршка која ја дава за најранливите категории. Среќни сме што во краток период успеавме да опремиме две сензорни соби во училиштата „Блаже Конески“ и „Ѓорѓија Пулевски“ кои се наменети за учење и развој на учениците со попреченост. Воедно, се радуваме и благодарни сме за соработката со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и на можноста да го поддржиме инклузивното образование“ – истакна Ралица Губерова, Извршна директорка на Евроинс Осигурување.
Директорот на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Марјан Јовановски изрази голема благодарност до Евроинс Осигурување и до Европската Унија во чии рамки се спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ и истакна дека сензорната соба ќе биде од огромна важност при работата со децата со попреченост. „Сметам дека сензорната соба ќе помогне да се унапреди вклучувањето на децата со попреченост во секојдневните училишни активности и ќе претставува катче за индивидуална работа согласно наставниот план“, истакна тој.
Раководителот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ – Елена Мишиќ, истакна дека со ваквите инфраструктурни подобрувања во училиштата значително ќе се подобрат условите за редовна настава на децата со попреченост и додаде дека крајната цел на проектот е целосна и рамноправна вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта.
Проектот „Биди ИН“ го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со своите партнери „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово.