Француска вечер на „Охридско лето“

Сподели

133259397

Програмата на „Охридско лето“ продолжува со традиционалната Француска вечер, со настап на едни од најистакнатите и најеминентни уметници од Франција, преку триото „Вандерер“ што има настапувано на најпрестижните сцени во светот, а во својата концертна дејност впишуваат и соработка со големи истакнати музички имиња.

133259397

На нивниот репертоар може да се најдат дела од времето на класицизмот, па сè до дела кои се компонирани во 20-тиот и премиерни изведби на дела од 21-виот век. Покрај многубројните компакт-дискови, ТВ и радиоснимки, во 2003 година снимен е и филм посветен на овој ансамбл.

–    Ми претставува особено задоволство што „Охридско лето“ и во ова 56-то издание ја продолжува и традицијата за соработка со Француската амбасада и Францускиот културен центaр од Скопје, како и „Сосиете Женерал Груп – Охридска банка“, со чија поддршка по деветти пат се реализира Француска вечер на фестивалот. Концертите во рамките на „Француска вечер“ на секое фестивалско издание е посебно интересен настан каде секогаш учество земаат врвни уметници од Франција. Оваа година за прв пат ќе ни гостува еден од светските водечки ансамбли на полето на уметничката музика. Неговите членови се врвни професионалци на својот инструмент, професори во значајни институции, добитници на голем број награди и признанија,  изјави музичкиот селектор на Охридско Лето, Гордана Јосифова – Неделковска најавувајќи го вечерашниот концерт.

Членовите на ансалмблот „Вандерер“ среќни што за прв пат ќе настапат на најреномираниот фестивал во Македонија, во градот за кој што слушнале дека наликува на француското Сен Тропе.

–    Чест ни е што ќе бидеме дел од „Охридско лето“ и што ќе оставиме белег во музичката историја на фестивалот, велат тие.

Француската вечер за првпат се организираше во 2008 година во време кога Франција претседаваше со Европската Унија, за потоа да прерасне во привилегиран настан посветен на француската музика и средба со реномирани музичари.

–    Без премногу да навлегувам во минатото, дозволете ми само да ги напоменам како пример гостувањата на кларинетистот Мишел Летиек во 2015 и пијанистот Хуг Леклер во 2014 година. „Охридско лето“ е фестивал со меѓународен карактер. Би сакала особено да и се заблагадарам на госпоѓата Гордана Јосифовска-Неделковска, уметничка директорка која секоја година поканува извонредни музички ансамбли, изјави амбасадорот на Франција во Македонија Лоренс Оер.

На програмата на вечерашниот концерт се дела од најпознатите композитори Ј. Хајдн, В. А. Моцарт и Ј. Брамс. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.