Русија прогласи македонски дипломат за “персона нон грата”

Сподели

 

В.Д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска денеска била повикана во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ била врачена нота на Министерството. Како што е наведено во соопштението на руското МНР, вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“.

Од руското МНР велат дека ова е одоговор на прогласувањето на дипломат во руската амбасада во Скопје за „персона нон грата“ во август годинава.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија овој потег го оцени како неоснован.

„Одлуката на руското министерство за надворешни работи, за протерување на дипломатот кој неодамна беше делегиран во Руската Федерација, преставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ.За претходното протерување на рускиот дипломат од Северна Македонија беа доставени евидентирани докази за негово дејствување во спротивност на Виенската конвенција за дипломатски односи. Оттука, денешниот потег на руската страна е во целост неоснован и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји,“ стои во соопштението на МНР.

Од таму појаснуваат и дека В.Д. амбасадорката Оливера Чаушевска-Димовска останува да ги обавува своите обврски, а наскоро ќе биде упатен и новиот Амбасадор акредитиран за Руската Федерација кој ги поминал сите чекори за упатување.