ДОМ: ТРИБИНА на тема „ Инклузија на младите во локалните политики “

Сподели

 

 

Денес, на дигиталната платформа Zoom беше одржана онлајн трибина, на тема – Инклузија на младите во локалните политики. Истата беше организирана од Движењето Одлучно за промени. На трибината, панелисти беа кандидатката за градоначалничка на Куманово – Теодора Димитровска, кандидатката за советничка на Град Скопје – Теодора Крстевска, носителот на советничка листа за Ѓорче Петров – Бојан Петровски и кандидатот за советник во Битола – Александар Стојановски. Модераторка на трибината беше пратеничката – Моника Зајкова.

Целта на оваа трибина е младите да имаат шанса одблиску да ги запознаат каднидатите за советници и градоначалници, кои ќе се залагаат за младинските проблеми и кои ќе бидат гласот на младите, а воедно да ги кажат своите ставови, мислења, идеи или критики во однос на прашањата поврзани со младинските политики. Идејата е низ конструктивна дебата со младите, кандидатите да се запознаат со реалните проблеми на општините и заеднички да се изнајдат решенија за истите.

Панелистите во своите излагања, ги истакнаа младинските проблеми и предизвиците со кои се соочуваат, а воедно ги претставија своите проекти и идеи за општините во кои живеат.

Теодора Димитровска истакна дека во текот на кампањата се соочила со многу предизвици токму поради фактот што е најмладата кандидатка за градоначалничка, но тоа не ја поколебало да продолжи уште повеќе да се залага за идеите и проектите во кои верува и храбро и одлучно и понатаму продолжува да се бори за вклученоста на младите во локалните политики. Таа ги посочи проблемите со кои се соочуваат учениците од албанските училишта каде што учениците немаат основни услови за посетување настава.

Теодора Крстевска се осврна на трите главни проекти за кои ќе се залага на самиот старт на советничкиот мандат, а тоа се формирање на младински совет во кој младите во Скопје ќе имаат шанса да го кажат своето мислење идеа критика или проект, потоа зборуваше за неопходноста од формирање на повеќе културни едукативни центри за младите, а воедно градот Скопје да формира буџет за млади преку кој ќе се субвенционираат младите артисти како и младите кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Третата точка на која се осврна беше проблемот со менструалната правда, лошите услови на училишните тоалети, како и субвенционирање на средства за менструална хигиена на младите девојчиња.

Бојан Петровски  посочи дека Движењето одлучно за промени верува и им дава доверба на младите луѓе. Топј истакна дека на советничката листа во Ѓорче Петров има 60 проценти жени, речиси 50 проценти млади и млад носител на листата. Тој истакна дека целосната програма за Ѓорче Петров е за младите, а проекти за млади има во сите сегменти на програмата. Посебен акцент дава во деловите за младинско движење и образование каде се предвидени проекти во делот на образованието, младите и дел од локален младински план кој е наменет за младински политики и вклучување на младите во процесите на креирање локални политики.

Александар Стојановски ги посочи проблемите на младите во Битола, односно фактот дека културните центри во Битола одамна не функционираат а младите нема каде да се собираат за културна едукација, исто така зборуваше и за проблемите во училиштата и потребата за реформи односно дуално образование и креативни начини на поттикнување на волонтеризмот кај младите.

Во конструктивната дебата беа вклучени граѓани од повеќе општини во земјата, кои дебатираа и им поставуваа прашања на младите кандидати но и ја истакнаа поддршката која повеќе од било кога им е потребна на храбрите млади кои се одлучни за промени.