Државниот архив пронајде копија на географска карта од историско значење

Сподели
Во рамките на своето тековно работење архивистите во Државниот архив често откриваат и значајни и ретки историски документи и материјали. Така беше пред некој ден кога архивистите во Државниот архив – одделение Прилеп, предводени од раководителката, Елена Чагороска и Мустафа Алиоски, работејќи врз архивски фонд, пронајдоа копија на географска карта на околината на Прилеп што е со историско значење.
 
 
 
 
“Оваа карта е навистина големо историско богатство, која што е изработена во османлискиот период, поточно во септември 1883 година. Таа е изработена на специфична хартија и е напишана на старотурски јазик и арапско писмо. Значајна е зашто го потврдува постоењето на повеќе населени места и на историски, културни и црковни обележја во околината на Прилеп” – објаснува директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.
 
 
 
 
На картата е прикажан имот на чифлиг во селото Крстец, сопственост на Хусрев бег-паша со две воденици и еден Ан. Во четири печати се напишани и имињата на членовите на селскиот Совет: Стојан, Ангеле, Дамјан (претседател на селото Мухтар), Ристе, Мира, Наумче, Коле, Петко, Диме и Ачко.
 
 
 
 
 
“На оваа карта се обележани и два пата од Прилеп до Велес, едниот преку селото Крстец, а другиот преку селото Присад, потоа, планинските места Балталак и Конор, како и Присадскиот манастир, Трскавец и Дервенските кули.
 
 
 
 
Исто така, значаен запис на оваа карта е и исцртаниот пат кој го поврзува Прилеп со патот Виа Игнатиа (Via Egnatia)” – додава директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, потенцирајќи го уште еднаш, големото историско значење на оваа карта, која што, не само што зборува за нашето минато, туку е и солидна основа за натамошни истражувања на нашите историчари, топографи и географи.