Скопското јавно обвинителство им испратило покани за распит на битолскиот фармер Душко Илиевски и на тутунарот Кире Неделковски, поради учеството на протестите во Скопје во април годинава, против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на 56 политичари и нивни соработници.
Илиевски и Неделковски, според поканите што им биле доставени, биле осомничени за учество во толпа и за спречување на службено лице во извршување службено дејство.
Земјоделците од Битола во Обвинителството треба да се јават на 28 јули и да раскажат пред обвинителите за нивното учество во протестите на опозицијата во април годинава, кога како демонстранти се обиделе да ја тргнат железната ограда пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
– Ете, и обвинителот Марко Зврлевски решил да се занимава со мене затоа што сме биле снимени од камерите на провладините телевизии како се обидуваме да ја тргнеме оградата пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Само да го потсетам Зврлевски дека тој е третиот што сака да нè заплаши за да се откажиме од протестите. Пред него со кривични пријави ни се заканија и од полицијата и од обвинителството во Битола – вели фармерот Илиевски.
Тутунарот Неделковски, пак, дека не знае за што е повикан со Скопје. Во поканата што му била доставена било наведено дека е осомничен за учество во толпа и за спречување служено лице во извршување службено дејство.
– Не се плашам за што и да е кривичната пријава и ќе одам во Скопје. Јас имам право да протестирам и да го искажам своето незадоволство од оваа власт – вели поранешниот водач на протестите на тутунарите, Неделковски.
Пред неколку недели Илиевски и Неделковски беа повикани во битолската полиција, исто така, поради учество во протестите за оставка на градоначалникот Владимир Талески.