Бектеши: Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор

Сподели

 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција изјави дека Владата донела одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена, по барање на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија.

Според него, тоа ќе значи подобрување на ликвидноста на енергетските компании со буџетски средства, но не и рестрикции на потрошувачката на електричната енергија.

Како што информираше министерот, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија, врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.

„МЕСПО изготви извештај за проценката, а според него постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот. Тоа се темели на капацитетите на домашното производството и зголемените цени на странските берзи.

Единствена мерка е вбризгување на средства во енергетските компании за надминување на енергетската криза. За остварување на таа цел вклучени се раководствата на сите компании од енергетскиот сектор и сите владини институции, изјави министерот Бектеши.