Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид 19, во период од 6 август заклучно со 11 ноември.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 06.08 до 11.11.2021 на територија на државата 52.436 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив 29% биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид 19. Според статистика за изминативе три месеци, 36.980, граѓани, односно 71% од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата.
Во период од 6.08 до 11.11.2021 на територија на државата починале 1788 пациенти со Ковид 19, 1434 пациенти од починатите, односно 80% не биле вакцинирани, а само 20%, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SarsCoV2.