Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од авторот Владимир Лукаш, со илустрации на Наталија Лукомска, ќе биде промовирана на 18.11. (четврток), во 19 часот, во книжарницата Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“. Претставувањето на книгата ќе биде проследено со музичко „читање“ на Лукаш, кој во придружба на својата гитара, ќе изведе дел од песните застапени во „Ши, ѕифри, копчи“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставува одделен циклус со еднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси, сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се КОПЧИ-вечерните песни, кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден.
Гриз Ли има необични пријатели со обични имиња; ама и обратно – обични пријатели со необични имиња. Сите тие се бркаат низ стиховите и римите играјќи си со јазикот, со своите палавости или со мечтите да пораснат колку што е можно побргу, впрочем, како и малите читатели на оваа несекојдневна збирка.
Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во сите сфери на уметноста, а светот без луѓе како него би бил многу сиромашно место за живеење. Се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Автор е на „Дедлајна, љубов моја!“ (раскази за возрасни), „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано), „Мамурлаци“ (поезија, коавторска со Александар Крстев), „Се гледаме наскоро. Е.“ (роман за возрасни, коавторски со Драгана Евтимова) и „Библиска етика“ (со група автори). Илустратор е на сликовниците „Дедо Миле“, „Чудесни апарати“ и „Плишаниот зајак“. Годинава ја објави арт-книгата „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“. „Ши, ѕифри, копчи“ е негова втора книга за деца, претходно го има објавено изданието со раскази за деца „Суштествијада“ каде што тој е автор и на текстот и на илустрациите.
Лукаш има снимено повеќе кратки анимирани филмови. Има одржани девет самостојни изложби, а зад него се и многубројни гостувања и претставувања на реномирани фестивали и манифестации во нашата земја и странство.
Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги.
Сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.