Со Дискусија за унапредување на инклузијата на лицата со попреченост, денеска во Владата, се одржа средба на советникот на претседателот на Владата, за труд и социјална политика Милан Живковиќ и Спасе Додевски, советник на премиерот и претседавач со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации со претставници на Иницијативата „Време е!“, каде членуваат родители на деца и лица со попреченост.
Честитајќи го денешниот 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, советникот Живковиќ ја поздрави денешната дискусија со членовите на ,,Време е!’’, истакнувајќи дека Владата останува посветена да работи и постојано да ги унапредува и олеснува условите за живот на лицата со попречености, без разлика на возраста на лицата.
Целта е изнаоѓање крајни решенија, креирани на инклузивен начин.
На средбата, на која присуствуваа и претставници на Министерството за труд и социјална политика беа изнесени дел од индивидуалните проблеми со кои се среќаваат родителите, а кои имаат потреба од системско решавање за подобрување на животот на овие лица.
Меѓудругото, од страна на Владините претставници беше истакнато дека во последните четири и пол години е направено многу, отпочнати се европските процеси, не само во поглед на обезбедување квалитетен Закон за социјална заштита, туку и во поглед на останатите проблеми на овие лица, кои заслужуваат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството.
Беше споменато дека посебно се работи на измените на Законот за вработување, во делот за подобрување на системските решенија за вработување на лицата со попреченост.
Исто така, од Владата информираа дека во моментот посебно се работи на успешно завршување на процесот на дигитализација во делот на социјалната заштита, како и одржување и подобрување на квалитетот на процесот на квалитетот на образовниот асистент. Истовремено, беше заклучено дека ќе остане високото ниво за исполнување на условите за образовните асистенти кои им помагаат на децата со попреченост во учењето.
На денешната дискусија беа отворени и прашањата и за изнаоѓање решенија за можност за предвремено пензионирање на родителите на лицата со попречености, како и дека ќе се отвори дебата за наоѓање на соодветен начин и соодветни работни места за личните асистенти за што ќе се побара експертиза од земјите од ЕУ кои ова го решиле на соодветен начин, дури и со вклученост на самите родители.
Денеска, кога се одбележува Денот на лицата со попреченост, беше констатирано дека Владата континуирано останува посветена на исполнување на најдобар начин на потребите и решавање на проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со попреченост, со цел унапредување на квалитетно создадено општество, во кое различностите се почитуваат и вреднуваат.
На денешната средба, која е еден од повеќето настани на Владата за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседавачот со Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации, Додевски истакна дека е остварена континуирана квалитетна соработка со повеќе здруженија, невладини организации, сојузи за лицата со хендикеп, со кои на чести средби се разговара за подобрување на решенијата и нивна успешна реализација, вклучувајќи ги сите потребни механизми.
На средбата беше договорено, двајца членови од Иницијативата „Време е!“ да земат учество во Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на Обединетите нации, како и интензивирање на средбите со претставниците на Иницијативата.