ВИСТИНАТА, ЛОГИКАТА И МАЛОГРАЃАНШТИНАТА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Сè во живиот и неживиот свет се случува по некакви правила, иако луѓето тие правила, не секогаш, ги познаваат и препознаваат.

Александар Литовски

И, разумот како способност за мислење, при вршењето на своите операции, следи некои правила кои може да се истражуваат, да се препознаат и да се дефинираат. Мора да се знае и тоа дека правилата по кои разумот постапува се нужни и таквите нужни закони се „работа“ на логиката. Затоа, се вели, логиката е наука за правилата на мислење, односно таа е наука за правилниот начин на размислување. Оттука произлегува и фактот дека логиката е нормативна: таа ја одредува смислата и вредноста на одредено мислење во однос на вистината. А, познато е дека вистината, во основа, се состои во согласување на сознанието со предметот. Како што е и јасно дека без разлика што, денес, неолибералните теоретичари ја релативизираат, сепак вистинитоста е објективно својство на овој свет и реално постојат категориите „носител на вистинитоста и вистиночинител“ (Лазар Фотев, „Теории за вистината во аналитичката филозофија“).

За жал, во нашиот лажлив град, има луѓе кои не ги разбираат, туку чувствуваат органска омраза и одбивност кон вистината и логиката. Нормално. Бидејќи на нашите малограѓани им се пречка на нивниот бескруполозен пат кон што поголема моќ и профит. Вистината и логиката им се непријатели, оти може да разоткријат дека нивното зборување  е само празно блебетење, а нивните „големи мисли“ се обично верување без никаква реална подлога. Така, на пример, би можело да се согледа дека малограѓанското религиозно суеверие за бесмртната душа и задгробен живот, е само обична халуцинација и апсурдно верување, односно невтемелен суд што нема врска со здравиот разум, знаењето и вистинитоста. А, ним ако им ги одземете нивните измами и лаги, не им останува ништо, особено не можностите за безмилосна кражба.

Добро, можеби, малограѓаните се интелектуални евнуси, но благодарение на искривениот општествен систем тие се „градските фактори“. Политички, економски, културни и социјални. Затоа, кога некој од нив ќе рече: Нема вистина, сè е релативно – тоа треба сериозно да се сфати како почеток на новоосмислениот масакр врз логиката и вистината. Оти, малограѓаните, сведочиме секојдневно, се трујат сами себе и го трујат животот околу себе со ламентации дека нема ни вистина, ни убавина, ни правда, ни логика, ни љубов, ни добрина, ни човечност… И дека никогаш ги немало и никогаш нема да ги има… Болни се овие луѓе, и им треба лекарска помош… Ама, нивната „филозофија на живот“ во нашиот мал град, поминува и има своја употребна вредност.

Значи, заради таа малограѓанска примордијална омраза, ене ги вистината и логиката како се влечкаат по градските уличиња и сокачиња, во искинати алишта, подвиткани и понижени, демонизирани и претепани, исплукани и протерани на периферијата, или, дури, далеку од координантите на овој измамнички град. Оттука, при допир со малограѓанската средина добро е да се има предвид оти спротивно на вистината е лагата, а дека доколку лагата се смета за вистина тоа се нарекува заблуда. Или, привид на вистината. Во ограниченоста на малограѓанскиот разум лежи причината за неукоста, но никако и причината за заблудата, оти извор на заблудата, најчесто, е незабележливото влијание на осетите, видувањата, чувствата, субјективноста врз разумот. На нашите малограѓански „мудреци“, за да ги избегнат заблудите им недостасуваат способноста за самостојно мислење и доследност на застапуваните ставови, односно во секое време да се мисли согласно на самиот себе и логиката, оти кога тоа недостасува останува само контрадикторност во зборовите и ставовите.

Денес, во нашата малограѓанска средина, чувството дека е систематски изложен на малограѓанско клеветење и малограѓанска злоба, кај човек може да предизвика трајни колебања, раздразнетост, кусогледост, но и забуни, предрасуди и параноидни талкања, може да помисли дека спасот е во некаква самоизолација, може да се прелаже дека околу него рика глутница од безмилосни и глупави двоножни предатори, па да се претвори во манјакално прогонета ѕверка која ќе размислува и дејствува во противречност со разумот и логиката, токму онака како што размислува и самата малограѓанштина. Затоа, секој нормален поединец, наспроти малограѓанската пизма кон вистината и логиката, треба да се стреми, да ги прифати за себе разумноста и доследноста, а луѓето кои се умни, логични и интелегентни сите ние треба да ги поддржиме во нивното професионално напредување, оти само така сите ќе можеме да сведочиме прогрес во сите сфери од животот.